Запалено возилото на дописничката на Сакамдакажам од Охрид

Синоќа околу 21.30 часот на улицата Париска комуна во Охрид e запалено возилото на дописничката на САКАМДАКАЖАМ.МК Сузана Вренцовска. Колата е запалена во дворот на семејната куќа, во гаражата каде било паркирана. Вренцовска е дописничка на САКАМДАКАЖАМ.МК изминативе пет години.

На лице место пристигнала екипа на Територијалната противпожарна единица Охрид и полициски екипи на СВР Охрид, а по наредба на јавен обвинител возилото „бмв х3“ е земено за вештачење.

„На 05.01.2025 во 21.30 часот во СВР Охрид, С. В. од Охрид пријавила дека пред нејзиниот дом на улица Париска комуна во Охрид било опожарено нејзиното патничко возило ‘бмв х3’ со охридски регистарски ознаки. Пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Увид извршила екипа од СВР Охрид, а по наредба на јавен обвинител возилото било однесено во кругот на СВР Охрид. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, вели портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски

Back to top button
Close