Застаре уште едно дело против Мијалков
Апелационен суд во понеделникот ја одложи седницата за „Титаник 2“ за 13 април, на која требаше да биде донесена пресуда за поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, а тој нема да биде осуден за учество во изборни нерегуларност на локалните избори во 2013 година, бидејќи кривичното дело застарува денеска, пишува Слободен печат.

На седницата во понеделникот беа присутни само Мијалков и Бедредин Ибраими, кој рече дека не добил покана, но дознал по допрен глас и дошол на седницата. Не беа присутни лидерот на ДПА Мендух Тачи и членовите на ДИК Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев, кои судот констатира дека биле неуредно поканети.
На 23 јануари годинава, Основниот кривичен суд ги прогласи за виновни и им изрече вкупна казна од 12 години затвор на обвинетите во повторената постапка за случајот „Титаник 2“, кој се однесува за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година во Општина Струмица.
Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, за стореното кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“ судот го осуди на казна затвор во траење од две години, во која се пресметува и времето поминато во притвор.
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, за сторено кривично дело „повреда на избирачко право“ судот го осуди на казна затвор од две години.
На поранешните членови на Државната изборна комисија Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев, судот за сторено кривично дело „повреда на избирачко право“, им изрече казна затвор од по две години.
Основниот кривичен суд во Скопје на 8 март 2019 година на обвинетите во случајот „Титаник 2“ им изрече вкупно 19 години и осум месеци казна затвор, но Апелациониот суд Скопје во ноември 2019 година, поради суштествени повреди на постапката, ја укина првостепената пресуда и случајот го врати на повторно одлучување.
(…)
Мијалков е обвинет за четири предмети од страна на Специјалното јавно обвинителство. За „Таргет-Тврдина“ и „Трезор“ му се суди вторпат, откако Апелација ги поништи пресудите со највисоки казни што му беа изречени. Апелациониот суд-Скопје пред две недели ја потврди ослободителната пресуда за поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков и припадниците на поранешната полициска единица „Алфи“ во случајот „Тортура“, откако претходно ослободителна пресуда донесе Кривичниот суд.
Одолговлекувањето и застарувањето на обвиненијата беа нотирани и во извештајот на Стејт департментот за Македонија каде беше потенцирано дека екстремно ниската доверба на јавноста во судството се должи на значителна судска корупција; судиите намерно ги одложуваат судењата или апелационото разгледување за да овозможат застареност, особено во случаи од висок профил во кои се вклучени богати и влијателни бизнисмени или политичари; има судии за кои се смета дека соработуваат со бранителите за поткуп или тргување со влијание; и конфликт на интереси во комбинација со непотизам.






