Здружение на судии: Ставање на црната листа на САД на кој било судија удар врз неговата чест и углед, бараме брзо решавање на случајот

Ставањето на црната листа на САД, на кој било судија е сериозен удар за честа и угледот на конкретниот функционер на судската власт, истакнува денеска Здружението на судии на Република Северна Македонија во врска со последните имиња кои беа објавени на црната листа на САД, меѓу кои е и апелацискиот судија Енвер Беџети.

-Имајќи го предвид значењето на етичкото однесување и интегритет на судиите кое треба да биде неприкосновено и во согласност, пред се со Уставот и Законите на нашата земја, но и согласно Меѓународните Закони и препораките на Европската унија и Соединетите Американски Држави како наши стратешки партнери, Здружението повикува на брзо решавање на случајот, пред се заради зачувување на независноста и интегритетот на судската фела во земјата, се наведува во соопштението на Здружението.

Стејт департментот на САД вчера соопшти дека воведува санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата на Северна Македонија Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција.

Според соопштението, Груби и Беџети примале мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Мијалков беше санкциониран во 2022 година за значителна корупција според Секцијата 7031(в) од Законот за надворешни операции и поврзани програми на Стејт департментот. Покрај санкциите за Груби и Беџети, забрани за влез во САД се воведени и за членовите на нивните семејства.

Back to top button
Close