ЗЕЛЕНОТО НЕ Е ЗЕЛЕНО
Корупцијата убива? Е па, ете. Убива.
Уште пред да ги пуштам децата да одат сами на школо, секој пат на улица по сто пати им повторував: ќе поминуваш само на пешачки премин и ќе чекаш да се запали зелено светло на семафорот. Арно ама, кај нас ни зеленото светло не е зелено. Исто како што ни пешачкиот премин не е пешачки, тротоарот не е тротоар, десната лента од булеварите не е улица туку паркинг, а ни камерите не се камери оти не снимаат, а и кога снимаат снимките се бришат.
Се плашам дека ќе се заборави и убиството на 22-годишната девојка, прегазена поминувајќи на пешачки на еден од најпрометните булевари во Скопје, како што се заборавија и десетина претходни слични трагедии. Сега ќе се изнаслушаме серија префрлања на вината од една на друга институција и серија оправдувања, сѐ додека аздисаниот 20-годишник кој ја прегази не излезе од затвор, па ќе се молиме да не нѐ отепа и нас.
Убиецот возел без дозвола, со над 120 километри на час среде град, поминал на црвено, бил пијан, на 16 години со кола удрил друга жена, бил осуден за дилање дрога, ама не бил в затвор. Сигурно го ослободувале оти „греота е детето, греота се родителите“. Оти, девојкава што беше убиена на пешачки премин не е греота? И нејзините родители не се греота?
Менталната матрица на бескрупулозните не ја регистрира болката на другите. А ние живееме во држава во која владеат баш бескрупулозните. Не само на улиците, туку насекаде во системот. И секој ден нѐ победуваат. Штом тие неказето ни ја загрозуваат безбедноста и на пешачки премин, што да очекуваме понатаму за истерување правда на суд, на работа, или за добро образование, здравство, урбанизам, чист воздух и вода…
Сите надежи за правда пропаднаа кога Собранието ја озакони неказнивоста за политичките функционери.
Какви морални вредности имало 20-годишно момче, кога секоја грешка му поминувала неказнето? Па така станал убиец пуштен на улица како темпирана бомба.
Неказнивоста се охрабрува. Колку полицајци-телохранители на политичари отепаа луѓе во сообраќајки и никогаш не се осудени? И ова убиство е резултат на серија корумпирани одлуки што го забрзуваат моралното пропаѓање на општеството.
Корупцијата убива? Е па, ете. Убива.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК