Зеленски пред ОН: Русија го доведе светот на работ на радијациска катастрофа

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во денешниот говор пред Советот за безбедност на ОН ја повика Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) што поскоро да преземе постојана контрола врз ситуацијата во централата во Запорожје.

Тој исто така ја повика Русија целосно да се повлече од централата.

– Русија го доведе светот на работ на радијациска катастрофа. Факт е дека руската армија ја претвори територијата на најголемата нуклеарна централа во Европа, нуклеарната централа Запорожје, во воена зона. Сега Европа и соседните региони се соочуваат со закана од загадување со радијација, рече Зеленски.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш исто така рече дека е многу загрижен за ситуацијата во Запорожје.

– Светлата за предупредување силно светат. Едноставно се неприфатливи секакви дејства што би можеле да го загрозат физичкиот интегритет, безбедноста или заштитата на нуклеарната централа. Секоја дополнителна ескалација на ситуацијата може да доведе до самоуништување, изјави Гутереш пред Советот за безбедност на ОН

Back to top button
Close