Зголемена инфлација и забавен економски раст во С Македонија во 2026 година – предвидува ММФ

 

Процените на Меѓународниот монетарен фонд покажуваат дека растот на бруто-домашниот производ (БДП) во земјава ќе забави на 3,1 од планираните 3,8 проценти, а повисоките цени на нафтата ќе ја зголемат инфлацијата на околу 4,5 проценти, што е зголемување од владината проекција за инфлација од околу 2,5 отсто во тековната година
Растот на цените на енергенсите поттикнати од тековниот конфликт на Блискиот Исток може повторно да ја зголеми инфлацијата и да го забави економскиот раст во Северна Македонија – предупредува Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во објавениот извештај по редовните консултации со властите во земјава.

Процените на ММФ покажуваат дека растот на бруто-домашниот производ (БДП) во земјава ќе забави на 3,1 од планираните 3,8 проценти, а повисоките цени на нафтата ќе ја зголемат инфлацијата на околу 4,5 проценти, што е зголемување од владината проекција за инфлација од околу 2,5 отсто во тековната година.

„Продолжениот конфликт на Блискиот Исток и повисоките цени на енергијата, заедно со послабиот раст во ЕУ, би можеле дополнително да ја забават економската активност, да ја одржат инфлацијата повисока подолго време и да ја одложат тековната фискална консолидација. Фискалните отстапувања, особено од континуираните ад хок зголемувања на платите и пензиите, како и пречекорувањата на трошоците во големите инфраструктурни проекти, би можеле да ја попречат фискалната консолидација и да ја нарушат довербата на пазарот“,велат од ММФ во извештајот за Северна Македонија.

Фондот ја поздравува посветеноста на властите во земјава за намалување на фискалниот дефицит на 3,5 отсто од БДП во 2026 година, но посочува дека без конкретни мерки за даночна политика, предвидените зголемувања на приходите можеби нема да се остварат, а како резултат на тоа дефицитот би можел да достигне 4,2 отсто.

„Постигнувањето на буџетската цел ќе бара цврста контрола на тековните трошоци, особено за пензии, плати, стоки и услуги. Поддршката на домаќинствата како одговор на скокот на цените на енергијата треба да биде добро насочена, бидејќи субвенциите за сите нивоа, вклучително и генерализираните намалувања на даноците, се неефикасни и регресивни. Затоа, привременото намалување на ДДВ треба постепено да се укине, а ранливите домаќинства треба да бидат поддржани преку постојните шеми за социјална помош. Неочекуваниот приход од ДДВ од повисоките цени на горивата би можел да се искористи за покривање на дел од поврзаните трошоци“,велат од ММФ.

Back to top button
Close