Жена загина, а две лица се повредени во напад во училиште во Полска, уапсен е 15-годишен ученик

Триесет и седумгодишна жена загина, а две лица се повредени денеска во напад со остар предмет во основното училиште „Папа Јован Павле Втори“ во полското место Лешчидул-Новини, по што е уапсен 15-годишен ученик, соопшти полицијата.

– Полицијата уапси 15-годишно момче откако тоа нападна три возрасни лица во училиштето. Една од повредените – портирката во училиштето – им подлегна на повредите – соопшти локалната полиција на платформата „Икс“.

Според соопштението на полицијата, ученикот смртно ја избодел портирката во своето поранешно училиште и повредил уште две лица во Лешчидул-Новини, мало населено место на 70 километри источно од Варшава. Првичните информации велеа дека во нападот се повредени три лица, но подоцна беше потврдено дека една од нив починала.

Ова е втор ваков инцидент во земјата за само два дена, откако вчера 19-годишен ученик со нож повреди 10 лица во стручно училиште во полскиот град Остроленка, североисточно од Варшава.

Back to top button
Close