Жерновски до Муцунски: Ако денес признавате дека нема „северномакедонски народ и јазик“, дали ќе им се извините на граѓаните што со години ги манипулиравте со лаги?

СДСМ реагираше на изјавите на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој од Дубровник зборуваше за прашања поврзани со македонскиот идентитет. Според меѓународниот секретар на СДСМ, Андреј Жерновски, говорот на Муцунски е „лицемерие кое не познава граници“.

„Со години ги лажевте граѓаните дека Македонија го изгубила идентитетот, дека сме станале ‘северномакедонци’, дека зборуваме ‘северномакедонски јазик’ и дека со Преспанскиот договор било избришано сè што е македонско. Денес, истите вие јавно признавате дека не постои северномакедонски народ, ниту северномакедонски јазик, туку само и единствено македонски народ и македонски јазик“, наведува Жерновски.

Тој додава дека најпрво претседателката на државата признала дека Преспанскиот договор го потврдува постоењето на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската култура, а сега, како што вели, и Муцунски од Дубровник изјавува дека „не постои северномакедонски јазик и народ“ и дека ќе реагира на секоја таква провокација.

„Чекај, зарем не беше токму твојата ВМРО таа што со години ја ширеше лагата дека сме станале ‘северномакедонци’? Зарем не беше тоа вашата главна политичка кампања преку која добивте доверба?“, прашува Жерновски.

Според него, она што ВМРО-ДПМНЕ со години го нарекувала „предавство“, денес самата го претставува како дипломатска победа и аргумент во одбрана на Македонија.

„Прашањето е едноставно: ако денес признавате дека нема ‘северномакедонски народ’ и ‘северномакедонски јазик’, дали конечно ќе им се извините на граѓаните што со години ги манипулиравте со лаги? Ќе признаете ли дека свесно ширевте страв и невистини само за да дојдете на власт? Или ќе продолжите да докажувате дека лицемерието останува ваша константа?“, наведува Жерновски.

„Македонија не изгуби идентитет. Но граѓаните секој ден гледаат како ВМРО-ДПМНЕ го губи сопствениот политички кредибилитет“, стои во објавата на Жерновски.

Back to top button
Close