Жерновски: Мицкоски има комплетна амнезија за ветувањата дека ќе го поништи Преспанскиот договор

Секретарот за меѓународна соработка и член на ИО на СДСМ, Андреј Жерновски, на денешната прес-конференција ја обвини власта за ширење нов бран на лаги поврзани со Преспанскиот договор и уставното име на државата. Жерновски истакна дека премиерот Христијан Мицкоски сега го тврди спротивното од она што го ветувал додека бил во опозиција.

„Се случува тоа со оние коишто се нестабилни политичари коишто кога ќе дојдат на власт имаат комплетна амнезија за тоа што се случува“, изјави Жерновски, потсетувајќи на изјавите на Мицкоски дека Преспанскиот договор нема да биде завршена работа додека тој е во ВМРО-ДПМНЕ.

Според Жерновски, Мицкоски ја изградил кариерата врз ветувањето дека ќе го врати името, за сега редовно да го употребува терминот „Северна“. Тој додаде дека Мицкоски „клечел и молел да дојде на власт ветувајќи го ова за кое што денеска зборуваме“.

Жерновски се осврна и на прашањето за двојните државјанства, обвинувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ за лицемерие и манипулација со патриотизмот.

„Не може да се создаваат конфликти намерни со Бугарија, на тоа да се печалат патриотски политички поени, а во позадина да се живее и да се патува со бугарски пасош. На крај излегува дека нас од Бугарите не бранат Бугари“, порача Жерновски.

Од СДСМ најавија дека ќе продолжат да ја откриваат вистината и побараа одговорност за, како што рекоа, уништувањето на државните позиции преку лажен патриотизам.

 

Back to top button
Close