Жолтите комбиња се мит, вели директорот на ОТА

Жолтите комбиња се повеќе мит отколку реалност, а можноста да постојат парасистеми за прислушување во станови е еквивалентна на можноста во станови во Скопје да се прави операција на отворено срце или да се пресадува срце, рече директорот на Оперативно-техничката агенција Зоран Ангеловски, во интервју за „360 степени“ на ТВ „Алсат“.

ОТА е институцијата во која, по распуштањето на УБК, се пресели опремата за следење на комуникациите.

Според Ангеловски, приказните за жолти комбиња со кои се прислушкува се веројатно производ на фасцинацијата на јавноста со сите случувања во минатото и смета дека ова ќе биде вечна тема за која ќе се зборува постојано, но уверува дека „во моментов такви комбиња во Македонија не постојат“.

-Тој тип на опрема е многу тешко да се набави, прилично е скапа. Второ, подразбира учество на голем број на лица во целиот процес. Не може да претпоставиме дека еден човек или двајца со комбето ќе можат да направат некаков пристап до системи и да следат. Се работи за т.н оперативна акција во која учествуваат повеќе чинители, повеќе оперативци, аналитичари и репродуцери – рече Ангеловски.

Back to top button
Close