„Златен човек“: ФФМ се прости од Илиевски, со години лекар на репрезентацијата

Градоначалникот на Брвеница остави белег и во македонскиот фудбал како доктор во Стручниот штаб на националните селекции

Од градоначалникот на Општина Брвеница, Јовица Илиевски, кој ненадејно почина денеска, се прости и Фудбалската федерација на Македонија, во која тој остави белег како долгогодишен член на лекарскиот тим при Стручниот штаб на македонската репрезентација.

„Златен човек.

Во времиња кога сите сакаат да бидат забележани, тој избра да биде корисен. Златен човек.

Јовица Илиевски, дел од едно важно поглавје на македонската репрезентација.

Вечна му слава и нека почива во мир“, објави ФФМ на социјалните мрежи.

Соработката на Илиевски и „македонската куќа на фудбалот“ почна во 2001 година, кога тој стана лекар на помладите репрезентативни категории до 2013 година, кога се префрли во младата селекција (У21), кадешто до 2021 година беше клучна фигура во нејзиниот медицински тим кога селектор ѝ беше Благоја Милевски. Како дел од овој штаб, тој беше задолжен за здравјето на фудбалерите за време на историскиот успех и настапот на Европското првенство за млади во 2017 година во Полска.

По преземањето на сениорската репрезентација од Милевски, Илиевски продолжи со својата улога како дел од медицинскиот тим на најдобрата македонска фудбалска селекција.

Back to top button
Close