Зобек-Мининг е фирмата поради која Деспотовски е осомничен, тој нема да се жали оти остана без пасош

ТВ Алфа објави дека скопската фирма „Зобек-Мининг“ е компанијата поради која е осомничен поранешниот директор на Дирекцијата за ТИРЗ, Јован Деспотовски, кај Основното јавно обвинителство.

За Деспотовски се одредени мерки на претпазливост, но поранешниот функционер тврди дека нема никаква вина и дека е чист пред правдата.

Според ТВ Алфа, сомнежите паѓаат во тендерот добиен од страна на „Зобек-Мининг“ за нивелирање на земјиштето во слободните индустриски зони Штип и Струмица заради поставување на фотоволтаични панели.

Оваа фирма добила пет големи тендери од страна на Дирекцијата за ТИРЗ, а вкупната вредност изнесува 22 милиони евра.

„Зобек-Мининг“ набавувал и јаглен за РЕК Битола.

Поранешниот директор на Дирекцијата за ТИРЗ и кандидат за претседател на СДСМ, Јован Деспотовски, во изјава во вестите на Сител рече дека нема да се жали на одлуката на Кривичниот суд да му одреди мерки на претпазливост, за да покаже, како што вели, дека е достапен пред правдата во секое време.

Основниот Кривичен суд го прифати предлогот на Јавното обвинителство и на Деспотовски му определи мерки на претпазливост со одземање на патната исправа и повремено јавување во судот.Деспотовски денеска вели дека не се чувствува виновен и дека сите контроли покажале дека совесно ја извршувал својата функција.

– Сме биле подложни на надворешна ревизија, контрола на работењето постоела секогаш. Јас очекувам дека сите овие ревизорски извештаи ќе бидат земени во предвид, бидејќи ниту еден не укажува на сериозни нерегуларности, тврди Деспотовски.

Back to top button
Close