Зошто од Македонија си заминува младата популација
Почитувани читатели, мојата најава дека имам намера да формирам нов политички субјект, предизвика реакции на социјалните мрежи, особено при моето гостување во подкастот „Претрес”.

Не ја пишувам колумнава во самоодбрана, туку да укажам дека проблемот е многу поголем од еден подкаст каде очигледната намера беше да се предизвика сензација кај следбеници, претпоставувам и кај нарачателите, наведувајќи дека пред извесно време возејќи во рикверц сум удрил возило, пушејќи пура и носејќи шешир на глава. Се стави акцент врз пурата, шеширот и рикверцот со мојот џип, а дека државата оди во рикверц во сите сегменти не се дискутираше. Да се постави тешко прашање е професионално, но да се спречи одговорот е чиста манипулација.
Учествував на подкаст каде домаќинот вадеше обвинувања од џеб. Микрофонот во подкастот не создава авторитет. Воспитувањето го создава човекот.
Пресудата од истрагата, која се води полни 5,5 години, мојот домаќин ја имаше во џеб, а јас ништо не знам. Исто така, мојот домаќин ме обвини дека истражната постапка за стечајот на Еуростандард банка е завршена и дека сум ја добил одлуката од Основното Јавно Обвинителство. На мојот конкретен одговор дека немам добиено никакво решение од ОЈО ме обвини дека лажам.
Истрагата за стечајот на Еуростандард банка, која се води против мене трае полни 5,5 години, сѐ уште не е завршена, ама ете мојот домаќин знае и згора ме обвинува дека лажам.
Во натамошните дискусии ги спомна стечаите на Еуростандард банка, Порцеланка и Градски аптеки, но не дозволи да ја искажам суштината за нив. Мојот домаќин однапред „знаеше сѐ”, осудувајќи ме дека сум виновникот за стечаите и за оставањето повеќе од 1000 вработени на улица.
На социјалните мрежи бев напаѓан, но и бранет од повеќе стотици наши сограѓани. Жално е што се појавија и интелектуалци кои ме обвинија дека сум виновникот за сѐ.
После ова мое гостување направив сопствена анализа и дојдов до заклучок дека високо-образован човек не е гаранција дека ќе биде успешен промотор за креирање иднина за граѓаните и државата во целост. Заклучив дека основниот фундамент за секој поединец, независно од неговото образование, е неговото домашно воспитување. Луѓе со прескокнато домашно воспитување не се луѓе на кои треба да им се даде доверба, бидејќи приоритет им е материјалниот интерес.
Ваквите подкасти, кои ги има многу во Македонија, функционираат преку систем спонзорства. Кога на вакви подкасти спонзори се јавни институции како ,,Лотарија” на Македонија и други реномирани компании , тогаш се поставува прашањето која е причината за поддршка на ваков подкаст кој манипулативно руинира личности кои сиот свој животен век го посветиле за градење достоинство, лично свое и на својата држава. Спонзорот не може да биде невин набљудувач ако неговото име стои зад формат што руши човечко достоинство.
Медиумската дрскост е симптом, иселувањето е последица, а политичката безидејност е вистинскиот корен за ова што денес ни се случува. Ако вистински ја сакаме Македонија мораме да престанеме да аплаудираме на оние што ја претвораат во циркус.
Подкастот ме подучи за суштината на воспитувањето и како се гради нашата млада популација.
Не го судам мојот домаќин, бидејќи во него и во лицата како него ја гледам иднината на нашата Македонија. Новата генерација не е проблем сама по себе, проблемот е кога системот ја учи дека дрскоста е кариера, а сеирот успех. Кога партиите ја користат младината за личен интерес, тогаш државата на крајот го ја плаќа цехот.
Почитувани читатели, ако младата популација не се вгнезди во некои вакви подкасти или во институции контролирани од државата, изборот е стеснет и принудени се да заминуваат од нашата татковина. Не ги обвинувам затоа што се борат за егзистенција. Македонија не ја губи само младината, ја губи и културата на дијалогот кој се престори во медиумски сеир, наместо во јавен интерес. Нешто не е како треба, кога непристојноста и невоспитувањето поминуваат како храброст, ,,без влакно на јазик”.
Не е проблемот во младината, туку во системот кој дозволува такви ,,борци за вистина”, а всушност се сеирџии.
Трагедија на Македонија не е само што младите заминуваат. Трагедија е што тие кои остануваат им даваме погрешни насоки и ги вградуваме во погрешни системи. Ако младите ја напуштаат земјата тогаш сите партиски победи се големи порази.
Македонија не ја губи само младината. Ја губи довербата, надежта и вербата дека трудот, знаењето и чесноста можат да бидат пат кон достоинствен живот. Кога младите гледаат дека успехот зависи повеќе од партиска припадност отколку од способност, тогаш заминувањето станува логичен избор, а не предавство кон татковината.
Триесет и пет години слушаме ветувања за подобра иднина, а добиваме празни училници, затворени домови и семејства разделени по европските држави. Ниту една политичка победа не вреди ако цената за неа е загубена генерација. Без луѓе нема економија, без економија нема силно здравство, култура, образование и спорт. Без млади нема иднина.
Затоа борбата за Македонија денес не е борба за власт, туку борба за задржување на луѓето. Секој млад човек што останува овде е победа за државата. Секој што заминува поради неправда, несигурност и без перспективност е пораз за сите нас.
Мора да одлучиме дали ќе продолжиме да живееме од политички сеир и меѓусебни пресметки или ќе изградиме држава во која младите ќе сакаат да останат. Времето за оправдувања помина. Време е за одговорност.
Во изминатиот месец и половина, од Македонија си заминаа повеќе од 80.000 млади луѓе кои треба да работат во Германија, Хрватска и други европски земји.
Заминувањето на веќе спремна, работоспособна и репродуктивна младина од Македонија е сигурниот доказ дека Македонија се движи кон пропаст.
Кој е виновен што младата популација, која останува во земјава исклучиво водена преку партиските интереси, се јакне во насока на сочувување партиски интереси на политичката партија, било на власт или опозиција, бидејќи преку политиката се обезбедува еден ,,достоинствен” живот на политичарите. Материјалната сигурност не значи и сигурно достоинство. Нема достоинство без визија за градење иднина за младите.
Преку начинот на користење, поточно искористување на нашата младина од страна на политичките партии во земјава, се руинира целото општество.
Почитувани читатели, со мисла сум да создадам политичка партија која пред сѐ ќе има за цел да ја задржи популацијата во нашата татковина – основниот капитал на секоја држава, без разлика на нивната возраст. Нивното задржување во нашата татковина ќе мора да се должи на силен економски развој. Силната економија ќе го зајакнува нашиот опстанок, бидејќи со силна економија имаме силни здравство, спорт, култура и уметност. Силна економија не е само слоган, туку услов за опстанок.
Не можам да прифатам и да гледам секојдневно како ја губиме нашата младина, иднината на татковината. Сум бил борец и борец ќе останам до крајот на животот.
Ова не е борба за мој личен имиџ, туку борба за Македонија. Кога човек на мои години вели дека останува борец, тоа не е амбиција, тоа е одговорност.
Ќе продолжам да гостувам на секоја покана од ТВ дебатните емисии и подкасти.
Основната цел на моето гостување, посебно во партиските подкасти е да ја осознам суштината, како се развива нашата младина и како можам да помогнам и да ја вратaм на прав пат.
Убеден сум дека има многу поддржувачи на моите ставови во врска со актуелната состојба на нашата земја.
Ги молам да се разбудат и да се вклучат во креирање на нашата иднина. Секој ден е загубен, доколку молчиме, а бездната е сѐ поблиску до нас.
Мојата љубов кон моите сограѓани и мојата татковина се вечни.
Мора да избереме дали ќе живееме од сеир или од одговорна работа. Македонија не пропаѓа од директни прашања, туку од луѓе без култура.






