Зошто Савески не постапува за случајот „Мазут“ и покрај законските овластувања – прашуваат од Левица

Од политичката партија Левица денеска соопштија дека државниот јавен обвинител Ненад Савески не презема активности во врска со случајот „Мазут“, и покрај законските механизми што му стојат на располагање.

Оттаму посочуваат дека додека владејачката ВМРО-ДПМНЕ одбива да го повика државниот јавен обвинител да постапи по затворањето на случајот, иако претходно лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, тоа јавно го правел за постапување по одредени предмети. Сега, како што додаваат од Левица, Савески одбира да молчи за овој случај.

Во соопштението се наведува дека и покрај тоа што Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК)) ја запрело истрагата, Законот за јавно обвинителство му овозможува на државниот јавен обвинител да побара увид во предметот, да наложи нови вештачења или дополнително прибирање докази.

„Сепак, и покрај јасните законски алатки, државниот јавен обвинител воопшто не покажува волја да побара увид во предметот ‘Мазут‘, ниту да отвори институционална проверка за начинот на кој е запрена истрагата“се вели во партиското соопштение.

Во реакцијата се додава и дека по именувањето на новиот државен јавен обвинител се забележани експедитивни кадровски и процесни потези кои одат во прилог на политичките интереси на ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи го како пример предметот „Талир“.

„И покрај тоа што има законска обврска и овластувања да побара увид, да наложи дополнителни дејствија и да утврди дали постапката била водена законито, Савески останува пасивен и одбира да глуми ненадлежен“додаваат од Левица.

Од партијата прашуваат и дали пасивноста на обвинителот е поврзана со политички влијанија, особено по телефонскиот разговор со премиерот Христијан Мицкоски.

„Дали пасивноста на Савески доаѓа по телефонскиот разговор со Мицкоски, каде добил такви насоки?! Ако новиот државен јавен обвинител навистина не постапува по политички и партиски директиви, тогаш Савески треба да ги искористи законските механизми кои му стојат на располагање и да утврди како е затворена истрага за случај во кој државата била оштетена за 169 милиони евра“велат од партијата.

За потсетување, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на 12 мај соопшти дека ја запрело постапката за предметот во врска со набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“ бидејќи во истрагата, која траеше една година, не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои се гонеа.

Во предметот, кој беше отворен во март минатата година, беа осомничено 13 физички лица, меѓу кои и бизнисмените Ратко Капушевски, Асмир Јахоски, Ерџан Сулкоски, поранешниот директор на државната компанија АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски, како и уште осум други лица вработени во ЕСМ.

По одлуката на ОЈО ГОКК да ја запре постапката за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, премиерот Христијан Мицкоски рече дека разговарал со државниот јавен обвинител Ненад Савески, кој му пренел дека не бил информиран за одлуката на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Информација дека Савески имал телефонски повик од премиерот Христијан Мицкоски, ја потврдија од Јавното обвинителство на РСМ, велејќи дека тоа било првпат да се слушнат по неговото стапување на обвинителската функција.

Оттаму посочија дека обвинителот не може да спречи никого да му се јави телефонски. Во однос на разговорот што Савески го имал со премиерот, велат дека не станало збор за детали за конкретен предмет, вклучително и за запирањето на истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“.

Back to top button
Close