Зошто ТикТок и Инстаграм создаваат зависност кај луѓето
Истражување од Германија анализирало 42 студии: кратките видеа на ТикТок и Инстаграм влијаат врз вниманието, меморијата и менталното здравје на младите луѓе

За многумина од нас денот започнува со едно движење на прстот по екранот. Уште пред да станеме од кревет, скроламе низ TikTok, Instagram Reels или YouTube Shorts. Неколку видеа брзо се претвораат во неколку десетици. Неколку минути лесно стануваат еден час поминат на социјалните мрежи. А потоа, подоцна во текот на денот, повторно им се враќаме.
Истражувачи од Универзитетот во Бајројт во Германија го анализирале овој феномен, особено кај децата и адолесцентите.
Сеопфатната студија, објавена во списанието European Child and Adolescent Psychiatry (Европско списание за детска и адолесцентна психијатрија), опфатила анализа на 42 истражувања со речиси 30.000 учесници, претежно адолесценти и млади возрасни лица.
Особено важно е што авторите анализирале нешто што често се занемарува во јавните дебати: самите механизми на платформите.
Зошто кратките видеа се разликуваат од телевизијата?
Истражувачите идентификувале три заеднички карактеристики на платформите со кратки видеа: персонализирани алгоритми, непредвидливост на бесконечното скролање и новина што произлегува од брзото менување на видеата.Според нив, овие карактеристики создаваат медиумска средина која значително се разликува од телевизијата, традиционалните интернет-видеа или постарите форми на социјални мрежи.
Платформите со кратки видеа функционираат поинаку. Алгоритмите постојано избираат содржини, корисниците ретко треба самите да донесат одлука што ќе гледаат, а практично не постои природна точка за запирање.
„TikTok суштински се разликува од телевизијата“, вели Аза Раскин, коосновач на Центарот за хумана технологија.
„Од другата страна на екранот на TikTok се наоѓа огромен суперкомпјутер насочен директно кон вашиот мозок. Тој е обучен врз основа на однесувањето на три милијарди други луѓе“, вели Раскин.
Според него, економијата на вниманието претставува трка во која платформите се натпреваруваат за секоја секунда од човечкото внимание.
„Ако TikTok не ви го одземе времето, тоа ќе го направат Facebook, Instagram или некоја друга платформа“, додава тој.
Допамин, зависност и бесконечно скролање
Научниците одамна знаат дека исклучително наградувачките искуства го активираат системот за наградување во мозокот. Кратките видеа, според експертите, многу ефикасно го користат токму тој механизам.
Ана Лембке, професорка по психијатрија на Медицинскиот факултет при Универзитетот Стенфорд и авторка на книгата Dopamine Nation (Допаминска нација), вели дека кратките видеа комбинираат повеќе елементи што ги прават особено привлечни.
„Самите подвижни слики се како магнет за мозокот на цицачите“, вели таа.
Според Лембке, кратките видеа претставуваат уште помоќна форма на стимул, што може да доведе до зависност и низа последователни гледања, слично на ланчаното пушење цигари.
Кога мозокот е пренатрупан со интензивни стимули, како коцкањето или прејадувањето, доаѓа до ослободување големи количества допамин – невротрансмитер поврзан со задоволството и наградата.
За да се заштити, мозокот постепено го намалува бројот на рецептори за допамин. Со текот на времето, станува помалку чувствителен на наградите.
„Со тек на време ни се потребни сè повеќе видеа, не за да се чувствуваме возбудено, туку едноставно за да се чувствуваме нормално“, предупредува Лембке.
Таа додава дека така постепено се губи способноста за уживање во едноставни активности, како гледање зајдисонце, дружење со пријатели или читање добра книга.
Според неа, бесконечното скролање може постепено да го промени начинот на кој функционира системот на наградување.
„Потребни се сè повеќе видеа и сè поекстремни содржини за да се постигне истиот ефект“, вели таа.
Како резултат, многу корисници продолжуваат да бараат следно интересно видео дури и кога веќе не уживаат во искуството.
Невронаучникот Бен Рејн смета дека персонализацијата е уште поважна од бесконечното скролање.
„Скролањето и новината се само механизми за испорака. Персонализацијата е моторот што го движи целиот систем“, вели тој.
Тој го опишува TikTok како систем што спроведува илјадници мали експерименти врз секој корисник и побрзо од самиот корисник открива што ќе го задржи пред екранот.
Лембке се согласува со ова гледиште.
„Алгоритмите во реално време ја создаваат совршената верзија на содржина за секој поединец преку нашите интеракции со платформата“, вели таа.
Што покажуваат истражувањата?
Во анализираните 42 студии постојано се појавувале исти обрасци:
– поголеми проблеми со вниманието;
– послаби резултати кај работната меморија;
– повисоки нивоа на анксиозност и депресија;
– послаба самоконтрола;
– однесување слично на зависност.
Сепак, истражувачите нагласуваат дека доказите сè уште не се доволни за дефинитивно да се тврди дека кратките видеа предизвикуваат „мозочно распаѓање“ или екстремни допамински ефекти.
„Сè уште нема доволно докази за конечно да се потврдат таквите тврдења“, вели водечката авторка Марлене Ебстер.
Наместо целосни забрани, авторите препорачуваат младите подобро да се едуцираат за тоа како функционираат алгоритмите и како дизајнот на платформите влијае врз нивното однесување.
Според Рејн, следниот чекор ќе биде уште подлабока персонализација.
„Како што напредуваат алгоритмите и вештачката интелигенција, јазот меѓу она што би сакале да го гледате и она што навистина ви се прикажува ќе станува сè помал“, вели тој.
Раскин предупредува дека сме само на почетокот.
„Ниту приближно не сме го достигнале врвот на инженерството на вниманието“, вели тој.
Со развојот на генеративната вештачка интелигенција, платформите ќе можат да создаваат целосно нови содржини прилагодени на секој корисник поединечно.
„Моќта на генеративната вештачка интелигенција за максимизирање на вниманието целосно ќе ги надмине сите досегашни форми на психолошки инженеринг“, предупредува Раскин. (Dw)






