100 ДЕНА И 90 МИНУТИ

Не виткаме кичма и не полираме чевли на странците, ама бугарски пасоши земаме.

Од што беше занесен во фалбите за 100-те дена, премиерот Христијан Мицкоски задоцни 90 минути на приемот на германската амбасада по повод Денот на германското обединување, 3 Октомври. Сите гости беа пристигнати, вклучително и претседателката Гордана Силјановска-Давкова. Амбасадорката сосе цел персонал го чекаше на вратата до 20:10. Бил најавен дека ќе дојде, зашто во говорот ѝ беше предвидено специјално да го поздрави, тоа го видовме напишано на видеоѕидот. Дојде во 20:30, ги пропушти химните и говорот на амбасадорката, а гостите тргнаа да си заминуваат.

Каде се луѓето од Кабинетот на премиерот? Белким некој му води распоред. Не мора премиерот самиот да знае каков му е дневниот распоред, има држава за водење. Каде е протоколот? Заборавиле ли дека премиерот има покана и дека ја прифатил? Сигурно Германците не му се јавиле апансас – ај помини вечер, ќе славиме нешто.

Рекоа дека во исто време имал интервју на телевизија. Ќе си помислиш војна почнала, па премиерот морал да ги откаже сите обврски и итно да ѝ се обрати на нацијата. И што кажа? Дека СДСМ биле за никаде и дека Европската унија не е фер. Оти, тоа е нешто што досега не го знаевме.

Ако доцнењето од 90 минути не е грешка на некој од Кабинетот, за што би требало да биде избркан од работа, ако тоа сепак е личен избор на премиерот, тогаш или Мицкоски сака да биде Никола Груевски кој беше познат по доцнењето, или на Германците им испраќа дипломатска порака. Да им покаже како во пракса изгледа тоа што постојано го повторува: „Не виткаме кичма и не полираме чевли на странците“.

Не виткаме кичма и не полираме чевли на странците, ама бугарски пасоши земаме. Од економски причини. Како што потврди министерката за енергетика Сања Божиновска во подкастот на колегата Мишко Иванов. Минатата година почнала процедура за отпис од бугарско државјанство, а на Иванов му одговори: “Во еден период од животот, за економски причини како и многу Македонци сум имала бугарски пасош“.

Некој од економски причини зема бугарски пасош да биде молер во Германија, некој да не плаќа школарина во Холандија, а некој  да купува станови низ Шпанија и Португалија, како што пријавила министерката Божиновска во анкетниот лист.

Божиновска сега е министерка и повеќе нема економски причини да има бугарски пасош.

Зошто економските причини да земеш бугарски пасош се полегитимни од патриотските причини? Зошто некој што се чувствува како Бугарин да не си земе бугарски пасош? Министерката Божиновска бездруго се чувствувала така. Кога бараш бугарско државјанство не те прашуваат каква ти е економската состојба. Те прашуваат дали си Бугарин. Таа тогаш малку била Бугарка, сега кога зајакнала економски, веќе не е.

Ако не е проблем во Владата да имаме министерка што се декларирала како Бугарка од економски причини, тогаш не би требало да имаме проблем и да го смениме Уставот за да ги почнеме преговорите со ЕУ. Да ги ставиме Бугарите во Уставот. Од економски причини

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close