200

Со последниот состав на Собранието, Северна Македонија ги започна толку посакуваните реформи на патот кон светлата европска иднина, со 200 пратеника

Македонското Собрание  официјално има 120 пратеника. Ако бруто месечниот  пратенички пакет е 2000 евра, ќе дојдете до бројка од приближно три милиони евра годишно. Но тоа сигурно не е се. Секој пратеник истовремено е и трошковен центар. Мора да потроши интернет, тоалет и остана хартија, работна маса, вода, струја, грицки-мицки, тргување со влијание, тендери-мендери…Слободно додадете уште два милиони евра. Нормално, овие два милиони се добро изгубени во буџетската ставка стоки и услуги. Се на се, пет милиони евра годишно за 120 пратеника. Дали е тоа се? Сигурно не е. Дали знаете дека на секој пратеник доаѓаат по тројца административно вработени во собранието? По тројца дворјани на еден пратеник.

Би било добро тоа да е се. За жал, не е. Од 2006 година, заклучно со последниот состав,  државата има помеѓу 160 и 200 “пратеника” во првата година. А во просек, за овој период, избори имаше секои две години. На пример, последниот број на пратеници е 164. Сто дваесет пратеника плус 44 апанажери. Тогаш, бројките погоре се сосема други. Лично, ми се допаѓа бројката 200. Затоа што, веројатно е реална ако се додадат и бившите, а сегашни апанажери кои доаѓаат од пониските позиции. Бројките се егзактни но и безмилосни. И целиот овој скап циркус е за веројатно 1.2 милиони гласачи.

 

60 или 80 ?

Почетокот и крајот на овој скап циркус е во бројките на Собранието, а не во тоа дали треба да го пробаме германскиот изборен модел. Прво да ги ревидираме бројките на пратениците во Собранието, потоа може да се прават округли маси и столови како во самоуправните турски бањи од експертите. Односно, дали Собранието треба да има 60 или 80 пратеника? Потоа, експертската фела може слободно да дебатира испоседната во самоуправните дебатни турски бањи. Понатаму се ќе биде лесно. Дали германски, отворен, затворен, полу отворен или полу затворен модел.

 

Дали има основа?

 

Да не заборавам. Погоре го употребив зборот фела. Ретко го употребувам, затоа што ми делува некако простачки. Според националниве телевизии има разна фели. Водоинсталатерски, медицински, професорски, на пример пекарска фела и така натаму.

Но да се вратиме на темата.

Сигурно има основа за 60 или 80 пратеника во Собранието. Има и оправдување. Да ги земеме последните четири години. Собранието функционира со максимум 80 пратеника, а најчесто со 62 пратеника. Останатите 40 или блокираат или протестираат на улица. Но затоа кога се работи за бројките тука се во овие 200 сегашни или бивши пратеници- апанажери.

Со вакви бројки ќе создадете услови за домино ефект по вертикала надолу во оваа чудесна минијатурна буџетска држава. Замислете го ефектот во администрацијата, јавните претпријатија, локалната самоуправата и НГО-нерството.

Во суштина тоа е и мандаторен чекор, ако сакаме да се движиме по патот на светлата европска иднина. А не, прво дебатни турски бањи од експертската фела наредни 10 години. Па потоа ќе видиме.

 

Референдум

 

Многу пати сум пишувал на оваа тема. Некој италијанец веројатно ме прочитал, му се допаднала идејата и спроведоа референдум. Со одлуката на референдумот го намалија бројот на пратеничките фотељи за цели 45 проценти. И сето тоа во услови на пандемијава.

Може и без референдум со консензус ако сакаат пратениците. Ама не сакаат. Затоа останува референдумот како едноставен излез од буџетската безизленост на оваа чудесна минијатурна буџетска држава. Држава колку еден кварт на Берлин и плус со германски модел на избори.

А се е едноставно. Формулирате две прашања, на пример:

  1. Дали сте за или против Собранието да се состои од 60 или 80 пратенички фотељи?
  2. Дали сте за или против апанажата на бившите пратеници да биде три месеци?

Едноставно. Како во Швајцарија. Таму веќе има референдумски прашања од типот, дали сакате кравата да се молзе од лева или од десна страна?

 

Скептик

Реално е да се биде скептик за успехот на референдумот. Генерално, граѓаните се во фаза на “њет став” за се и сешто. Сегментарно гледано, делува уште по песимистички. Политичарите, како буџетски јавачи, сигурно ќе гласаат против. Администрацијата, јавните претпријатија, локалната самоуправа, нго-нерите исто така. Затоа што оваа групна фела е партиско- племенски и стомачно испреплетена со политичарите. Нормално, плашејќи се од домино ефектот што би следувал. Медиумската фела би се замислила како би гласала. Ако кон тоа ги додадете пензионерите и социјалните случаи, ќе дојдете  до вкупниот број на гласачкото тело од 1.2 милиони гласачи.

На многумина овој текст ќе им изгледа лесен и несериозен. Мислам дека ќе дојдеме до ова погоре. Но, како и секогаш овие триесет години, на хаотичен начин. Изнудено. Мислам дека кога ќе се свртиме назад во јануари следната година, ќе видиме буџетски дефицит од 12 проценти. И тоа исклучиво од причините погоре во текстов. Пандемијата е само изговор. Оваа чудесна минијатурна држава пати од буџетскиот вирус кој е отпорен во сите сезони на годината.

 Руди Лазаревски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close