24-годишната пациентка од Тетово, најмлада жртва на КОВИД 19 во Македонија

24-годишна пациентка од село Јажинце, од тетовската општина Јегуновце е најмладата пациентка досега која почина од КОВИД 19. Немала регистрирано хронични болести.

Телма дознава дека на Инфективна Клиника во Скопје била донесена на 28 јуни, а претходно се лекувала два дена во Тетовската болница, каде дошла по една недела домашно лекување од КОВИД 19. Откако ги добила првите симптоми матичниот лекар и дал соодветна терапија, но ситуацијата не се подобрила и таа била хоспитализирана во Тетово. Брзо и се влошила ситуацијата и отежнато дишела, потоа била префрлена на скопска Инфективна. Тука имала извесно подобрување, но состојбата во последните денови се влошила бидејќи се појавиле кардиолошки проблеми и во нејзиното лекување, освен инфектолозите биле вклучени и кардиолози. Не била на респиратор, затоа што нејзината сатурација била на задоволително ниво. Проблемите со срцето настанале паралелно со корона вирусот, по што и починала.

Во наредниве денови, докторите од Инфективната клиника ќе стапат во контакт со нејзиното семејство за да испитаат дали девојката имала претходно некакви здравствени проблеми кои можеби влијаеле ситуацијата со болеста да се влоши.

Директорката на Инфективната клиника доктор Милена Стевановиќ за Слободен печат вели дека ситуацијата нагло се влошила кај пациентката.

-Тажна ситуација, за која немаме официјален податок за хронични болести иако е многу чудно за таков млад човек да развире тешка клиничка слика како најтешките пациенти. Една недела била болна пред да дојде кај нас, четири пет дена се лекувала кај матичен лекар со инфузии. Но, состојбата и се влошила и се пријавила во тетовската болница каде и е направен тест и дијагностицирана е со Ковид 19. Поради тежината на клиничката слика дојде кај нас, во исклучително тешка состојба. Имавме благо подобрување во лекувањето, но брзо потоа попушти срцето и се појави пулмонална тромбоемболија. Ја лекуваше и кардиологот кој е кај нас, но не успеа да се избори. Зошто оваа млада жена разви така тешка слика немам одговор ни човечки ни лекарски. Ова подоцна би го испитувале подетално со согласност од семејството. Немаше покачена телесна тежина – вели доктор Стевановиќ.

Back to top button
Close