360: Генералниот секретар на Владата е хоспитализиран поради ковид-19, нема потврда од „Илинденска“

Извори од здравствените власти информираат за „360 степени“ дека Рашковски е хоспитализиран и дека здравствената состојбата му е под контрола, односно дека е „средно влошена“

Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, според информации на „360 степени“, е хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје поради компликации од ковид-19.

Од Владата нема потврда за оваа информација, додека извори од здравствените власти информираат дека Рашковски е хоспитализиран и дека здравствената состојбата му е под контрола, односно дека е „средно влошена“.

Во моментов немаме информации. Обратете се директно до Рашковски“,

ни одговорија од Владата, на прашање дали генералниот секретар е заразен со ковид-19 и е хоспитализиран.

Претходно, „360 степени“ се обиде да стапи во контакт со Рашковски, но тој не одговара на телефонските повици.

Владиниот портпарол Душко Арсовски, на денешната прес-конференција, изјави дека уште нема пристигнато информации од Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје дали некој од контактите на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој е позитивен на коронавирус добиле решенија за домашна изолација

Во понеделникот вечерта, министерот Спасовски самиот објави на својот фејсбук-профил дека е позитивен на ковид-19. Тоа беше причина за тестирање на премиерот Зоран Заев, кој вчера објави дека е негативен на коронавирус.

Back to top button
Close