Заев потврди: Утре нема да има добри вести од Брисел

Македонскиот премиер Зоран Заев вечерва од Берлин потврди дека не очекува добри вести од утрешниот состанок на министрите за надворешни работи во Брисел и почеток на преговори. Решение со Бугарија ќе се бара во декември, пишува Дојче веле

ЕУ на утрешниот состанок на министрите за надворешни работи нема да одобри одржување на Меѓувладината конференција со Северна Македонија поради блокадата на Бугарија. Надежите сега се селат следниот месец, во декември, доколку дотогаш се најде решение на историскиот спор кој го наметнува Софија. Веста од Берлин попладнево ја соопшти премиерот Зоран Заев во дебатата откако ја доби наградата на Фондацијата „Фридрих Еберт“.
„Веројатно утре нема да добиеме добри вести од Советот за општи работи во Брисел“, рече Заев, дополнувајќи дека разговорите со Бугарија ќе продолжат и во наредниот период, па надежта е дека до решение ќе може да се дојде уште во текот на декември.
„Ние немаме алтернатива за членството во ЕУ. Што и да се случи ќе продолжиме на европскиот пат. Тие што се внатре во ЕУ можеби подзаборавиле колку е студено надвор“.
„Можеби некои политичари заборавиле кои се вредностите на ЕУ, но граѓаните нема никогаш да заборават“, рече тој.
Претходно, во обраќањето до присутните, Заев избегна директно да ја спомене Бугарија, но порача „дека македонскиот јазик и македонскиот народ се реалност“.
„Човековите права и правото на самоопределување на секој еден граѓанин не може да бидат предмет на дипломатски преговори и договори. Тие се потврдени и гарантирани принципи на меѓународното јавно право и придобивките од истото.“

Deutschland | Friedrich-Ebert-Stiftung | Verleihung Menschenrechtspreis | Zoran Zaev (Florian Gaertner/photothek/imago images)Хајко Мас на денешното доделување на наградата на македонскиот премиер Заев во Берлин.

И шефот на германската дипломатија Хајко Мас го „заобиколи“ утрешниот состанок во Брисел, порачувајќи дека има шанси за пробив и во декември.

„Водиме интензивни разговори за да ја одржиме првата пристапна конференција уште оваа година за време на германското претседателство“, рече Мас. Клучно е во наредните денови да се најде решение, а Германија е подготвена да помогне на тој пат, дополни тој.

На македонскиот премиер денеска во Берлин му беше врачена наградата на Фондацијата „Фридрих Еберт“ за човекови права

Текстот е преземен од Дојче веле

 

Back to top button
Close