Рот: Сите земји членки на ЕУ, освен Бугарија, ја поддржаа преговарачката рамка за С Македонија

Михаел Рот, германскиот министер за Европа, кој претседаваше со денешниот министерски совет на ЕУ изрази надеж дека се уште има простор за пробив во дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија, за првата меѓувладина конференција да може да се одржи до крајот на годинава, односно додека Германија претседава со Унијата.
Рот рече дека сите земји членки на ЕУ, освен Бугарија, на денешниот настан ја поддржале преговарачката рамка за С Македонија. Тој посочи дека се надева на компромис во наредните денови или седмици. Ако има билатерални конфликти што не можат да се разрешат во наредните денови или недели, тогаш, како што рече, значи не е сега време за првата меѓувладина конференција.
Германскиот државен министер за Евроа рече дека С Македонија и Албанија направиле многу во процесот на евроинтеграција.
„Треба да се испрати јасен сигнал кон Западен Балкан. С Македонија и Албанија направија многу и постигнаа многу, но тоа е долг пат кој почнува со преговори“, рече Рот.
Тој рече дека Германија во овој период се обиде да ги приближи позициите на Бугарија и на С Македонија и дека досега не успеа во тоа, ама дека ќе продолжи да дава поддршка и во наредниот период.






