Полицајката Ангелеска си даде отказ, обвини за нестручно работење на шефовите
Отказ и критика за партизирана полиција испрати од Германија полицајката Јасмина Ангелска. Јавноста ја памети по инцидентот со пајакот кај Мавровка во кој беше инволвиран функционерот на ДУИ, Бекир Асани, пренесува тв24.
Нејзината голгота во МВР почнала токму од овој настан, од пред две години. Од инспектор водич во сообраќај е деградирана во полициската станица во Драчево, вели за ТВ24 Ангелеска.
– Си заминав во Германија пред неколку недели. Тој настан мене ми донесе многу неправда. После една година јас „наградно “ добив решение за во полициска станица Драчево. Не беше само овој „моќник“ во државата, јас против неколку звучни презимиња имав преземени мерки. Најмногу од се ми пречеше хаосот и партиските вработувања и тоа кој се’ може да стане надреден во МВР. – вели Ангелеска.
Од МВР не одговорија на напшите прашања поврзани со причините за отказот на Ангелеска. Од независниот полициски синдикат велат запознаени со овој случај, но не е единствен.
Ангелеска пред две години беше повредена додека пајак-службата се обидуваше да му го крене возилото на Бекир Асани. На средба кај министерот Оливер Спасовски, му кажала дека сама се удрила во пајак-возилото, а Асани само вербално ја нападнал. Ова во јавноста предизвика реакции и дилеми дали некој по секоја цена сака да го спаси Асани од одговорност. Таа во детали за ТВ24 опиша дека никој од повиканото засилување не се осмелил да се спротивстави на разлутениот Асани.
– Повикав специјално возило и во тој момент излегоа десетина души од кафулето, еден од нив кој подоцна го разбрав кој е бил и Бекир Асани, кој се пружи по мојата радиоврска на која викав засилување. Кога 30тина колеги пристигнаа никој не презсема ништо, ниту да го легитимира или да го приведе иако беше вулгарен и ме понижуваше. Сфатив дека сум сама и нема правда. Од нервоза удрив со бокс во вратата на пајак-возилото и си влегов во службениот автомобил. вели Ангелеска.
Асани за овој инцидент не одговараше. По неколку месеци обвинителството ја отфрли кривичната пријава против него.