(Видео )Филипче: Притисокот кон болниците се намалува, но се уште сме многу внимателни
Притисокот кон болниците се намалува, но се уште сме многу внимателни. Тоа што сега се случува кај нас е на некој начин едно намалување на притисокот на пациенти кон болниците. За разлика од почетокот на ноември, сега е речиси еднаков бројот на испишани и новопримерни пациенти, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче.
На гостувањето во емисијата „Клик плус“ на телевизија 21, Филипче посочи дека факторот на преносливост сега е некаде 1 и дава за право да се каже дека ситуацијата се смирува, но оти далеку сме од тоа дека може да се каже дека ситуцијата стивнува, бидејќи вирусот многу пати досега покажал дека е непредвидлив.
Во однос на зголемениот број на смртни случаи, Филипче рече дека бројот е зголемен, но не само кај нас, туку и во земјите од регионот.
И според директорката на Инфективната клиника во Скопје, Милена Стевановиќ очекувано е бројот на смртни случаи да биде поголем со оглед на бројката на новодијагностицирани и бројот на хоспитализирани пациенти.
Во однос на типот на лекување, министерот Филипче посочи дека нема специфична терапија, туку се прави комбинација на лекови.
– Се уште е ова болест која се лекува со комбинација на лекови врз основа на симптомите кои ги дава пациентот, рече Филипче.
За гужвите пред болниците и тријажните центри, министерот рече дека гужвите не се затоа што некој не работи, туку едноставно зошто лекарите не можат да постигнат.
– Затоа треба и разбирање. Се менаџира сето тоа. Знаело да се направи гужва и порано во нашите амбуланти за други работи, рече Филипче.
За приватните клиники и нивното вклучување во третманот на пациентите, министерот посочи дека заеднички е договорен капацитетот од 100 болнички кревети, кој веќе се подготвува.
– Во овој момент не е потребен, но треба да биде на стенд бај. Се завршуваат некои финални работи. Тоа ќе биде на располагање на државата и ќе направиме распоред во зависност од притисокот кон сите јавно-здравствени установи, истакна Филипче.