Мали: Србија ги избегна најлошите сценарија, просечната плата е речиси 530 евра
Српскиот министер за финансии, Синиша Мали изјави дека вкупната помош на државата за стопанството и граѓаните од почетокот на кризата со коронавирусот изнесува шест милијарди евра, односно околу 12,7 отсто од бруто домашниот производ (БДП) на Србија, јави допсиникот на МИА од Белград.
– На крајот на ноември имавме подобра наплата на ДДВ отколку што очекувавме, изјави Мали за „Вечерње новости“, на прашањето од каде се исплатените пари во декември од 5.000 динари (43 евра) за пензионерите и една минимална плата на работниците во угостителството, хотелите и на рент-а-кар агенции.
Тој додаде дека Србија ги избегнала најлошите сценарија со кои се соочуваат некои земји, немало масовни отпуштања, затворање на фабрики, бидејќи државата реагирала на правилен начин и одлучно.
Министерот за финансии повтори дека од 1 јануари 2021 година пензиите во Србија ќе бидат зголемени за 5,9 отсто, минималните плати за 6,6 проценти, платите во здравствениот сектор за пет отсто, додека другите вработени во јавниот сектор ќе добиваат поголеми примања за 3,5 отсто и најави дополнително зголемување на платата од 1,5 процент на 1 април 2021 година.
– Минатиот декември ја исполнивме целта што ја дефиниравме на почетокот на фискалната консолидација – просечната плата во Србија да биде 500 евра. Таа сега е 520-530 евра, истакна Мали.
Говорејќи за буџетот на Србија за 2021 година, Мали рече дека е во план да се издвојат 330 милијарди динари за капитални јавни инвестиции, односно 5,5 отсто од БДП на земјата и дека курсот на динарот ќе остане стабилен.
Мали изјави дека ниту еден странски инвеститор не се откажал од инвестирање во Србија поради пандемијата на Ковид-19, дека во првите девет месеци вредноста на странските директни инвестиции изнесува 1,9 милијарди и дека 60 отсто од сите инвестиции на Западен Балкан се во Србија.