Папата Лав XIV предупреди дека машините би можеле да го загрозат човештвото

Папата Лав XIV денес во Париз, за време на официјалната посета на Франција, предупреди дека „рајот на машините“ би можел да го загрози човештвото.
Обраќајќи му се на францускиот претседател Емануел Макрон и на дипломатите во Елисејската палата, папата зборуваше за научниот напредок, животот и човековите права.
Осврнувајќи се на војните во Европа и на Блискиот Исток, тој повторно ја истакна противењето на Ватикан кон нуклеарното оружје и оцени дека доктрината за нуклеарно одвраќање е погрешна, бидејќи само ја поттикнува трката во вооружување.
„Мирот не е рамнотежа на силите; напротив, тој се гради ден по ден преку дијалог и правда“, рече папата Лав XIV.
Тој пристигна во Париз на почетокот на четиридневната посета на Франција, земја во која Католичката црква го има изгубено своето влијание врз етичките прашања поради строгиот пристап кон секуларизмот, вграден во Уставот.
Црковните ѕвона низ Франција заѕвонија кога папскиот авион слета на парискиот аеродром „Орли“.
Топлото добредојде укажа на изненадувачко ниво на интерес за посетата на Лав – прва посета на некој папа на Франција по 18 години.
Подоцна, предвидено е Лео да одржи говор во седиштето на УНЕСКО, да ја предводи вечерната молитва во неодамна повторно отворената катедрала Нотр Дам, а потоа и големото бдеење за млади на еден од париските стадиони. Во сабота, папата ќе отслужи миса на плоштадот Конкорд во центарот на Париз.
Портпаролката на париската полициска префектура, Елен Денешер, изјави дека се воведени безбедносни мерки слични на оние за време на Олимписките игри во 2024 година, вклучувајќи антитерористички активности, распоредување на коњичка полиција и експерти за деминирање, како и забрана за летови со дронови.
Се очекува денес само во Париз да бидат распоредени 14.000 полицајци, жандарми и војници, како и 2.500 пожарникари.
За Макрон, посетата на папата претставува еден вид круна на неговите активности, особено затоа што претходниот папа, Франциск, во текот на својот дванаесетгодишен понтификат постојано одбиваше да дојде во официјална посета на Франција.
„За претседател на Републиката како Макрон, кој е при крајот на својот мандат, може да биде важно да биде со папата и да добие дел од неговата популарност. Тоа не е ништо ново“, вели Шарл Мерсие, директор на студиите по историја и социологија на католицизмот на парискиот универзитет EPHE.
На Макрон му преостануваат уште седум месеци од мандатот, а неговата поддршка е близу до историски минимум поради зголемените трошоци и растот на државниот долг, буџетскиот дефицит и влошувањето на квалитетот на јавните услуги.
Кабинетот на Макрон соопшти дека средбата со папата ќе биде можност за разговор за глобалните предизвици, како што се климатските промени и вештачката интелигенција, како и за европски и други меѓународни прашања.
Се очекува теми на разговор да бидат грижата за постарите лица во завршната фаза од животот и заштитата на децата.






