Бугарскиот историчар Дечев за ТВ 24: Бугарија да ја прифати реалноста, за историјата може да се дебатира

Бугарскиот историчар смета дека Софија во последен момент ќе даде зелено светло за почеток на преговорите, а билатералните несогласувања ќе се решаваат додека тие траат

Бугарија да ја прифати реалноста дека на запад има македонска нација, македонски јазик и луѓе кои имаат македонски идентитет, вели бугарскиот историчар Стефан Дечев, за Телевизија 24. Дечев е еден од тимот бугарски интелектуалци кои вчера испратија писмо до Борисов и Захариева, за старт на преговори на Македонија со ЕУ овој декември.

„Прво придавката македонски не смее да биде проблем. Второ, во Бугарија сигурно веќе 150 – 170 години, придавката ‘македонски’ се употребува сосем нормално секаде. Уште повеќе затоа што нашето Министерство во последните години повторува дека ги признава современите реалности, а современа реалност е дека кога ќе се отиде на запад од Осогово, има и македонска нација и македонски јазик и луѓе кои имаат македонски идентитет. Според мене, ние може да продолжиме да се ја спориме и дебатираме историјата, но другото не смее да биде никаков проблем“, вели  историчарот Дечев.

Главниот проблем меѓу Софија и Скопје, според него е тоа што бугарската страна мисли дека е сто проценти во право, додека македонската страна замижува пред историските факти. На бугарските колеги од Комисијата им порачува да бидат пофлексибилни, а на македонските – да ги почитуваат фактите.

Од друга страна Дечев вели дека агресивните настапи на Каракачанов, како што ги нарекува, ги поддржува голем дел од бугарската политичка елита.

„Предизборната ситуација и фактот дека ние имаме избори во март е само дел од вистината. Тврдите позиции кон Македонија ги има голем дел од бугарската политичка сцена, разликата е само тоа што Каракачанов се изразува погрубо, поагресивно и провоцирачки за разлика од големиот дел кои го мислат истото, но молчат“, вели Дечев.

Тој се надева дека Бугарија во последен момент сепак ќе даде зелено светло за старт на преговорите на Македонија, затоа што, според него, сите проблеми меѓу Софија и Скопје, може да бидат решени во текот на преговорите, во следните 5 до10 години.

Back to top button
Close