Средба на гувернерката Ангеловска-Бежоска со францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, оствари средба со францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер, кој неодамна стапи на должност во нашата земја. На средбата, соопшти Народната банка, учествуваше и регионалната економска советничка, Флоранс Добел, а соговорниците разговараа за тековната макроекономска состојба и предизвиците коишто ги наметна корона-кризата.
Францускиот амбасадор, нагласувајќи ја улогата на централните банки во секоја економија, особено во кризни времиња, ја истакна поддршката за активностите и мерките преземени од страна на нашата централна банка во справувањето со последиците од кризата, како и од високо професионалниот пристап кон предизвиците на новото време, притоа успешно остварувајќи ги поставените цели.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска ги образложи последните макроекономски движења, најновите макроекономски проекции, како и состојбите во банкарскиот систем. Притоа, посебно се осврна на преземените мерки и нивните ефекти, олабавувањето на монетарната политика, перформансите на банкарскиот систем, како и специфичностите на оваа криза во однос на други кризни периоди, коишто наметнаа и потреба од зајакната комуникација со јавноста. Посебно беше истакната соработката со меѓународните финансиски институции, како и со европските институции, вклучително и Европската централна банка, не само во однос на укажаната поддршка во справувањето со корона-кризата, туку и во однос на спроведувањето на тековните реформски проекти.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и францускиот амбасадор Бомгартнер изразија заложба за продолжување и продлабочување на соработката во иднина.