Јапонското обвинителство нема да подигнува обвинение против Абе
Специјален истражен тим во обвинителството во Токио одлучи да не покренува обвиненија против поранешниот јапонски премиер Шинѕо Абе за поткуп на гласачи и кршење на законот за политички фондови.
Во меѓувреме, обвинителите одлучија да покренат обвиненија за тој случај против Хиројуки Хајкава, висок секретар на 66-годишниот поранешен премиер.
Претходно беше објавено дека обвинението е поврзано со одржување приеми во хотел во Токио од 2013 до 2019 година за приврзаници на Шинзо Абе од неговото избирачко место во префектурата Јамагучи во југозападниот дел на главниот остров Хоншу. Ваквите плаќања може да се сметаат за кршење на законот и поткуп на гласачите. На осудено лице според овој член му се заканува затвор од пет години или парична казна до 1 милион јени (околу 9,7 илјади американски долари). Опозицијата во моментов бара поранешниот премиер да биде повикан во Парламентот и да биде испрашуван за околностите на случајот.
Шинѕо Абе беше на чело на јапонската Влада на земјата од декември 2012 година до септември 2020 година, кога поднесе оставка поради здравствени причини.
Јапонското јавно обвинителство пред три дена го испраша Абе во врска со обвинувањата дека неговата политичка партија незаконски платила дел од трошоците за вечера за приврзаници.
Обвинителството тогаш најави дека планира да покрене обвинение против секретарот на Абе за наводно неводење евиденција за фискални сметки за вечери, како што налага законот.
Вкупните трошоци, кои не биле објавени во политичките извештаи, веројатно надминуваат 40 милиони јени (387.000 долари), наведува обвинителството.
Луѓе блиски до Абе изјавија дека секретарот дал нејасно објаснување кога поранешниот премиер го испрашувал за трошоците, па Абе дури неодамна дознал за постоењето на шема со која се покрива само дел од трошоците