Бројот на КОВИД-заразените се намалува, да се почитуваат мерките и совесно да се прославува
Според извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 44 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 57 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 36 пациенти, во Велес се лекуваат 35 болни, а во Куманово 95 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 65 пациенти, во Прилеп 72, во ковид-центарот во Гостивар 35, а во Струга 36 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 61 пациент, во Кочани 19 во Кичево 20, Кавадарци 36, во Гевгелија 19 лица, а во Дебар 6 позитивни и суспектни на корона вирусот.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на својот фејсбук профил соопшти дека МВР има посебен оперативен план за ноќта на 31 декември, како и за утредента на први јануари.
-Полициското присуство секогаш било засилено околу Нова Година и другите празници во текот на јануари затоа што е важно да се одржи јавниот ред и мир, а тоа го покажува ланскиот мал број пријави и инциденти. Имаме посебен оперативен план за ноќта на 31 декември, како и за утредента на први јануари, затоа апелирам за совесно прославување, без големи групирања и загрозување на јавното здравје, ако некој директно го загрозува здравјето на граѓаните ќе мора да си сноси одговорност, напиша министерот Спасовски.
Вкупниот број на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 81.425, бројот на оздравени пациенти е 58.720, а на починати е 2.427.