Се намалува бројот на нови случаи со Ковид-19, остануваат апелите за почитување на мерките

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера изјави дека МВР има посебен оперативен план како ќе постапува за време на празниците, а тоа значи дека секаде и во секој момент ќе има полициски службеници кои ќе вршат контрола дали обврските се почитуваат и дали некој придонесува за нарушување на состојбата со ширење на вирусот. Тој рече дека полицијата ќе постапува по пријава или по сознание, кое го добила.
Министерот за внатрешни работи информира дека полицијата деновиве растурила неколку забави.
– Во саботата се случи растурање на забава во Волково, при што беа приведени 29 лица. Ист таков настан имаше во Куманово, каде што беше растурена семејна веселба. Така што, одговорно и посветено ќе постапуваме и за новогодишната ноќ. Апелирам уште еднаш до граѓаните да прославуваат одговорно. Сите заедно треба да придонесеме да спречиме ширење на вирусот, потенцира Спасовски.
Министерството за здравство вчера информира дека во последните 24 часа се направени 1253 тестирања, а регистрирани се 296 нови случаи на инфицирани со коронавирусот. Починати се 18 лица, а оздравени 511 пациенти.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во болниците низ земјава е 1036, од кои во Скопје се 426.
Во ковид-центите има околу 320 празни болнички кревети .





