Флертот на СДСМ со уставниот концепт на државата

Како што тргнало, проектот „Едно општество за сите“ на СДСМ, кој требаше да биде главната политичка конструкција за зацврстување на уставно дефинираниот граѓански карактер на државата, полека станува прибежиште за сите националистички фрустрации во владејачката коалиција што ја предводи Зоран Заев. Самиот Заев, пак, на таа тема најлесно – наместо да е најтешко! – ги прави идеолошките, кадровските и политичките компромиси, како „најевтин“ начин за сочувување на стабилноста на владејачката коалиција, повлекувајќи се и попуштајќи пред речиси сите националистички глупости (и симболични и суштински) што му ги испорачуваат партнерите во власта. До таму што дури и ВМРО-ДПМНЕ ги поздравува таквите одлуки.
После декларираната согласност во личните карти – документи за докажување на личниот идентитет на носителот, во смисла на идентификација на неговото место на живеење и персоналниот број под кој се води во државните архиви на податоци – да стои и етничката припадност на граѓаните, прашање е зошто во неа да не се најде и нивната религиска припадност? (За да се заштеди простор, практично е тоа да биде претставено со различни видови крстови, полумесечини, буди, „Давидови ѕвезди“ и сл.) А зошто не и нивната сексуална ориентација? (И тоа би можело да биде симболично претставено, можеби и посликовито од религиската припадност…) И зошто, ако веќе во личните карти треба да стои етничкиот идентитет, тие и да не се печатат во десетина бои, за секоја етничка група во земјава посебно, за уште полесно декларирање на таа идентитетска припадност? Само е прашање на време кога некој ќе се сети дека е, всушност, можеби најпрактично да се носат траки во боја на рацете…
Тоа не значи дека етничката припадност не е важен дел од социјализацијата на сечиј идентитет. Напротив, за многумина, како што знаеме, тоа е најважната карактеристика на нивната колективна самоидентификација – и во тоа нема ништо спорно, за тие на кои тоа им е важно. Само што местото не ѝ е на личните карти на граѓаните во држава која има долга, и бурна, историја на дефинирање на својот граѓански уставен концепт. Победничката идеја на тој мултиетнички концепт е да ги славиме сличностите, а не да инсистираме на разликите (сега и во личните карти).
Целата колумна на Сашо Орданоски на „Цивил Медиа“ на следниот линк.






