Албин Курти и дилемата за Робин Худ

Викенд-исходот на вонредните избори на Косово поминува со нападен официјален молк во Македонија. Не забележав дека некој од сегашната Влада упати гласни честитки до победникот Албин Курти и неговото Движење за „Самоопределување“ („Ветвендосја“), а и другите политички фактори во државава некако не се „претргнаа“ да посакаат успех и „долго здравје“ на новата власт во Приштина.
Злобниците велат дека не е случајно што српскиот претседател Александар Вучиќ некако токму во неделата, додека се спроведуваа изборите на Косово, избра да го демонстрира своето регионално влијание со „игроказот“ на предавањето на македонските власти на ковид-вакцините на Табановце (во присуство на премиерот Заев, не на неговиот „хомолог“, претседателот Пендаровски), иако е сосема можно дека се работи за обична коинциденција (настанот, не присутните).
Од друга страна, Курти убедливо ги доби изборите против сите свои косовски конкуренти (неговите гласачи велат дека за Косово е дојден „Обама-моментот на надеж“!), но со прилично неуверлива излезност на косовските гласачи, од само 47%. Тоа значи дека со изборна поддршка од приближно половина од оние кои гласале, новата косовска влада ќе ја има зад себе довербата од едвај четвртина од косовските полнолетни граѓани. Со тоа легално се владее. Но, амбициозната агенда за спроведување крупни општествено-политички промени најавени од новата влада, очигледно, не го импресионираше големото мнозинство косовци.
Всушност, никој од соседите на Косово не е воодушевен од победата на Курти. За Србите, тој ќе биде помалку посакуваниот „непријател“, од досегашниот „непријател“, Хашим Тачи, кого добро го знаеја. Додуша, самиот Курти не е непознат за српската власт, уште од времето кога како 24-годишен студентски лидер го уапсија во 1999 година, за време на 78-дневниот жесток конфликт помеѓу НАТО и Србија заради Косово. Го осудија на 15 години затвор, за да биде амнестиран во декември 2001, под притисок на Западот врз тогашната, пост-милошевиќевска, српска влада на Коштуница, која бараше за ослободувањето на бројни Албанци од српските затвори да им се пронајдат трагите на исчезнатите 1.000 Срби за време на конфликтот. Тоа не се случи. („За прашањето на Косово, Коштуница има исти ставови како и Милошевиќ. Всушност, тој го употребува истиот речник [како и Милошевиќ]“, изјави една година по апсењето нескротливиот Курти за „Вашингтон пост“ од затворот во Пожаревац, каде времето го поминувал читајќи ги Достоевски, Брехт, Џојс и Сартр.)
Што се однесува до официјална Албанија, Движењето на Курти таму има свој претставнички огранок кој жестоко го критикува владеењето на Еди Рама. Курти самиот ги карактеризира своите односи со Рама како „замрзнати“, а списокот на нивните несогласувања е долг и се протега од прашањето за „флексибилноста“ на косовско-албанската граница (и повремено повторуваната идеја за обединување на Косово со Албанија, што за Тирана создава редовни меѓународни главоболки), преку третманот на албанската опозиција од страна на Рама (членови на „Ветвендосја“ беа и апсени во Тирана заради учество во насилни демонстрации), до несогласувањата за тоа дали треба да постои „макро-Шенген“ (Курти) или „мини-Шнген“ (Рама) иницијативата.
Целата колумна на Сашо Орданоски на „Цивил Медиа“ на следниот линк.






