Cancel culture

Ако не почнеме со време да го расчистуваме ѓубриштето, ќе не’ убие смрдеата. Иако, можеби, некому тоа и му одговара. Има луѓе научени „да ловат“ во смрдеа, и да живеат во неа. Тоа некако им доаѓа како природна средина. Ете, и Комисијата за култура при остатоците од злосторничкото здружение има нешто „да каже“ апропо предлогот на закон за остварување на јавниот интерес во културата. Тие би да остане по старо, во онаа смрдеа од законот за култура! Но, за тоа во следната прилика.

За среќа, има и поинакви гласови: оние од струмичкиот театар баш и не се задоволни од понудата и опојниот „мирис“ во културата! Иако не знаеме како ќе продолжат, иако изгледаат решени да не се предадат, барем не така бргу. Иако други ги предаваат, токму според илјада пати опробаниот политикантски рецепт, оној на којшто неодамна и се посомневав дека ќе заигра кога не ќе умеат оние во фискултурното Министерство да најдат друго средство за борба: сега ги вадат поименично неколкумина од театарот, па биле фамилијарно врзани, па заработувале толку и толку пари месечно од театарот– небаре ги крадат тие пари! – па тие биле организатори на целиот бунт… Како да е лесно врз лична основа да организираш 260 луѓе, голем дел вон Струмица, меѓу нив и навистина сериозни имиња со личен интегритет, и сите да ти се потпишат на прогласот против изборот на едикојси? Ама има такви гнидички кои се секогаш тука за таков вид гнасотии, секогаш спремни да одговорат позитивно на сите желби на власта, која и да е’. Добро, некој ќе рече дека тоа не е само македонски рецепт. Ама треба ли тоа да не’ утеши?

Ако ние, за само четири месеци (сметано од септември) во културата успеавме да продуцираме неколку големи, вистински мега-скандали – Охрид, Курбиново, Струмички театар, Куќата на Маневи во Велес… – при што во залог ставивме и такви вредности како Охрид и Курбиново, а во наредните месец-два не’ чекаат уште минимум 2 еднакво „потентни“ резили (разрешување на криминалните дејствија во последниве три години во Министерството, но и резултатите од Годишниот конкурс, што ќе биде уште еден циркус), тогаш за што говориме овде? За cancel culture, можеби, како наједноставен одговор на нашите веќе традиционални маки во културата? За cancel culture неодамна говореше и Кустурица, заблагодарувајќи се за добивањето на највисоката државна награда на Србија. Којашто, патем, ја добија и Горан Бреговиќ, и Бајага, и Александар Берчек и Бора „Чорба“, и Јадранка Јовановиќ… а богами и една Марина Абрамовиќ! И не ме интересира дали Вучиќ е диктатор или квазидемократ, ама ако знаеш да го признаеш трудот на врвните уметници – тоа многу значи. А овие баш и не се сите „од негова страна“. Бајага пее(ше) на сите опозициски протести во Белград, а богами и една Марина Абрамовиќ не можете туку-така да ја наредите меѓу љубителите на тоталитаризмот!

Прашањето е: што правиме ние? Cancel culture? Иако изразот cancel culture има пошироко значење, како модерна форма на острахизам, јас овде го употребувам во неговото буквално, елементарно значење. Зашто, ние сме веќе дојдени до таа точка – да ја укинеме културата и сето она што ја придружува како широк спектар на знаења, умеења, практики, дострели… да ја прогласиме за област non grata. Онаа култура којашто со сите сили се обидува да се отргне од партиските канџи и да дише самостојно. Зошто? Па кому му е потребна, и за што, наспроти моночипните партиски полуписмени подлизурковци на кои државата им гарантира се’? Државичките во регионот барем научија да „се китат“ со културата – еве како Вучиќ – ние ни тоа не умееме. Нам таа не ни е потребна, дури ни како „накит“, дури ни како фалба. Ако не е партиска, се разбира, па да се китиме со тие послушници како некаква ефтина битпазарска бижутерија. Ама, по ѓаволите, не можат сите културни работници и уметници во државава да бидат партиски абоненти и да спроведуваат исклучиво ступидни партиски наредби и „политики“! Немаат сите време да седат пред министерските кабинети, да се јавуваат рано наутро да прашуваат како спиело неговото министерско височество, каква му е (да простите) „столицата“, да се клањаат до земја за секој подарен проект… Тогаш тоа нема да биде култура, туку ќе биде токму ова што е’: фис-култура, сосе соодветното за намената Министерство за (фис)култура! Нормалната македонска култура едноставно не може да се носи со човечињана кои извираат од министерските фиоки, од партиските штабови, паѓаат од небо, излегуваат од под секој камен… никој не ги знае… а власта ни ги претставува како некакви стручњаци! Ние успеавме и културното наследство да го парцелисаме на „наши“ и други, да не дозволуваме ни спротивно (па нека е и експертско!) мислење. Дозволуваме градоначалници да го „пцујат“ УНЕСКО и да одредуваат што и како ќе се прави во нивниот атар како да нема централна власт, како да нема надлежни институции. Кај нас cancel culture и во пошироката смисла функционира турбо, особено на социјалните медиуми. Цела орда ботови, трутови, фејсбук и твитер „полицајци“ и други гадинки чекаат во заседа нешто да кажете спротивно на очекувањата на партијата и да ве кренат на машко магаре! Само не знаеме како наплаќаат – по пцовка, по „случај“, по навреда… И сето тоа се толерира, како впрочем и онаа „Јавна соба“ до вчера, која што не е ништо побезобразна, повулгарна, подеструктивна од некои локални случувања во „врвната“ ни култура! Или, во што беше таа повулгарна, полажна, подеструктивна од најновата „продукција“ на Комисијата за културата на вемерото за новиот закон?

Златко Теодосиевски

Извор

Back to top button
Close