Коневски сопственик на деловниот простор во Аеродром, а ќе го плати Тинекс

Деветкатница го замени зеленилото кај Мајчин дом во Аеродром и покрај протестите и противењето на жителите, а деловен простор од 312 квадрати на нејзиното приземје го носи името на поранешниот градоначалник на општината, Ивица Коневски за чие владеење беше променет ДУП-от со кој на локацијата се впиша градежната маркица. Но, Коневски деловниот простор вреден стотици илјади евра ќе го исплати преку закуп, а не од свој џеб, пишува Радио Слободна Европа.
Договорот за купопродажба Коневски со фирмата инвеститор ЗСФ КОМ го потпишал пред некој месец, иако преддоговорот бил запечатен во март 2019 година. Во меѓувреме зградата го доби својот лик, а на 21 декември, минатата година и официјално името на Коневски е запишано на имотниот лист.
Цената на деловниот простор од 312 квадратни метри, според договорот до кој дојде РСЕ, изнесува 27.256.313 денари или речиси 442 илјади евра со ДДВ. Додека пак метар квадратен со ДДВ е 1416 евра.
Но, оваа сума сепак нема да ја плати Коневски, туку наместо него тоа ќе го стори Тинекс, кој го закупил просторот на 12 години. Девет дена пред Коневски и сопственикот на фирмата ЗСФ КОМ, Фатмир Етеми да стават потпис на договорот за купопродажба, бил договорен закупот на деловниот простор. Истиот ден е отворен и новиот Супер Тинекс во зградата со 248 станови со поглед на булеварот Јане Сандански.
Закупот е заведен и во имотниот лист, а тоа го потврдува и самиот Коневски, кој вели дека деловниот простор 12 години нема да може да го користи ниту да располага се додека не се исплатат средствата од закупнина за тој период.
„Вредноста на деловниот простор е иста со вредноста на закупот за 12 години. Тоа е начинот на финансирање на деловниот простор. Тоа значи дека со деловниот простор ќе можам јас да располагам после 12 години или поточно во јануари 2033 година“, вели Коневски за РСЕ.
Тоа значи дека ЗСФ КОМ парите од продажбата, односно 442 илјади евра всушност ќе ги наплати од кириите од Тинекс. Годишно просторот Тинекс го чини околу 38.800 евра или на месечно ниво нешто над 3000 евра. За 12 години пак Коневски без да даде пари или да земе кредит и да исплаќа камати во банка ќе има негов деловен простор.
Никола Велковски од групацијата за градежништво при Стопанската комора вели дека деловните простори кои се добро локациски поставени, инвеститорите никогаш немале пракса да ги продаваат преку закуп, а досега, според неговото искуство, таков случај немало.
„Затоа што, ако зборуваме отворено иневститорот можел да не го продава, туку преку закупот ќе си ќарувал на тој простор. Зошто како сопственик на тој простор го дава, кога закупот е чиста добивка. Тоа не е својствено во делот на пазарни услови. Нелогично ми е преку закуп некој да му го плаќа. Да се работи за некој простор во Петровец и да нема никаква заинтересираност за купувачите и со цел да не му прави комунални давачки и трошоци, некој преку закуп да му го исплаќа, ама овака не“, вели Велковски кој е и поранешен главен градски архитект на Скопје.
Како на ЗСФ КОМ и се исплатела ваква зделка и дали фирмата имала ваква пракса во минатото да врши продажба на деловен простор преку закуп не добивме одговор. Ниту од Тинекс не одговорија на прашањата испратени по електронска пошта како ќе се одвива плаќањето на деловниот простор вреден стотици илјади евра и зошто фирмата кога веќе издвојува средства не го купила истиот.
Според Велковски, инвеститорот можел деловниот простор да го продаде преку хипотека и банкарски кредит и цел да му се исплати. За разлика од случајов, како што наведува Велковски, кога Коневски го изнајмува, друг го плаќа, а на крај тој ќе биде сопственик.
„Мислам дека е многу непрофесионално, правнички и економски неиздржано некој таков договор да направи“, додава Велковски.
Сите детали на Слободна Европа на следниот линк.






