Велосипедски тури по повод Денот без автомобили: Во Кочани ќе се вози „По патеката на оризот“, во Делчево масовна акција „Велобус“

Во повеќе градови во земјвата Денот без автомобили ќе се одбележи со организирање велосипедски тури.

Под мотото на Европската недела на мобилност „Ајде заедно да го трансформираме секое патување и да обезбедиме мобилност за сите!“, а согласно Програма за сообраќај, Општина Кочани денеска ќе го обележи Денот без автомобили.

Во соработка со МВР ОВР ПС Кочани, ОСБСП Кочани, со основните и средните општински училишта, граѓански организации, групи и поединци, од 11 до 13 часот ќе се изведе велосипедската тура „По патеката на оризот“.

Поаѓањето е во 11 часот пред општинската зграда, а велосипедистите ќе се движат по улиците „Маршал Тито“, „Никола Карев“, преку Грдовци до Мојанци, со кратка пауза во кругот на црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Мојанци. Оттаму ќе продолжат преку Подлог, кон девијацијата кај Антура, кружните текови кај „Кочанско Поле“ и кај Крстот, потоа по улиците „Димитар Влахов“, „Глигор Апостолов-Гочо“, „Никола Карев“, по кружниот тек кај Полициската станица во Кочани, по улиците „Тодосија Паунов“, „Кеј на Револуција“ до Општина Кочани, каде што ќе заврши велосипедската тура.

Општина Кочани по дванаесетти пат се вклучува во обележувањето на Европската недела на мобилност, како водечка кампања на Европската комисија за подигање на свеста за одржлива урбана мобилност.

Општина Делчево и Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (ОСБСП), во соработка со локалните институции, денеска организираат масовна акција „Велобус“. Настанот се спроведува по повод Светскиот ден без автомобили – 22 септември и е дел од пошироката кампања „Микромобилност и безбедност во сообраќајот“.

Оваа општествено базирана иницијатива има за цел да ги охрабри учениците да го користат велосипедот како редовно превозно средство до училиште. Децата ќе се движат во организирани и безбедни групи, придружувани од родители, наставници и волонтери, со што директно се промовира одржливата урбана мобилност и здравите животни навики.

Акцијата опфаќа две основни рути за учениците до ООУ „Св. Климент Охридски“ и мини полигон во градинката „Весели Цветови“ каде најмладите ќе учат безбедно управување со велосипеди и тротинети.

Активностите се реализираат со поддршка на полицијата, а организаторите упатија апел до возачите за внимателно движење.Иницијативата ја заокружува Европската недела на мобилност под мотото „Мобилност за секого, фер пристап за сите генерации“.

Back to top button
Close