Промоција на проектот „Учиме за ЕУ и европските вредности на француски“

– По повод 9 Mај, Денот на Европа, во Европската куќа во Скопје, Амбасадата на Француската Република, заедно со Францускиот институт и здружението ЕСТИМА го промовираа проектот „Учиме за ЕУ и европските вредности на француски“.

Проектот кој има за цел осмислување и воведување на наставни содржини за ЕУ во билингвалните франкофонски паралелки во шест гимназии низ државата, како што соопштија од  ЕСТИМА, го спроведуваат во соработка со Француската амбасада и Францускиот институт во Скопје и претставува одраз на поддршката на Франција за евроинтегративниот процес на земјата.

Директорот на Францускиот институт  Емануел Рембер, на настот вчера, посочи дека прв пат се спроведува ваков иновативен проект, не само во земјата туку и во поширокиот регион.

Во воведните обраќања амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир и францускиот амбасадор Сирил Баумгартнер се осврнаа на улогата и мисијата на ЕУ во градењето на мирот и просперитетот во Европа по Втората светска војна, пристапниот процес на Северна Македонија како несомнена придобивка за граѓаните и потребата младите да се запознаат со политиките, институциите и начинот на функционирање на ЕУ, како и европските вредности.

Беше одржана и презентација на дидактичкиот материјал за ЕУ подготвен од страна на Ана Крстиновска, претседателката на ЕСТИМА, која се осврна на мотивацијата и потребата од воведување содржини за ЕУ во средните училишта, спецификите на материјалот и можностите за негово натамошно користење и за други целни групи.

Настанот заврши со споделување на искуства од страна на професорки кои веќе реализирале часови врз основа на тој метод во гимназијата Орце Николов во Скопје и Гоце Делчев во Куманово, стои во соопштението од ЕСТИМА.

Back to top button
Close