Легализација на дивоградби

Некој трчал по институции, добил дозвола и платил за комуналии за куќата, а комшијата до него си свиркал, си градел на диво и сега ќе му ја легализираме куќата за 100 евра. Кој е будала во случајов?

  

Легализацијата на дивоградбите во нашата држава е тема која долго време е актуелна. Во последниве недели е топ тема на дискусија во општеството откако Собранието го усвои законот кој Претседателот на државата не го потпиша. Според мене, претседателот на државата направи исправен потег. Особено што гледам дека тоа резултираше со отворање на поширока и темелна дебата на оваа тема. Со оваа колумна би сакал и јас да се вклучам во оваа дебата со претставување на некои мои размислувања.

Секогаш кога се пристапува кон решавање на некој проблем, потребно е да се направи диференцијација на фактите од мислењата. Ајде да почнеме од почеток. Фактите за дивоградбите се следните:

Прво, постојат 50.000 дивоградби во нашата држава;

Второ, бесправното градење согласно чл.244-а од Кривичниот законик претставува кривично дело и се казнува со казна затвор од 3 до 8 години;

Трето, законот за градење предвидува дивоградбите да се срушат, а кривичниот законик предвидува бесправно изградените недвижности да се одземат;

Четврто, во овој момент се водат кривични постапки само против занемарливо мал број на прекршители на законот во однос на вкупниот број на прекршители на законот;

Петто, постои очигледна дискриминација на оние мал број прекршители кои се гонат за сторено кривично дело бесправно градење и оние чии недвижности се уриваат или се срушиле во однос на оние далеку побројните против кои ниту се води кривична постапка, ниту им се уриваат или им биле срушени бесправно изградените објекти/недвижности;

Шесто, проблемот со дивоградбите не се реши со носењето на првиот закон за легализација на дивоградбите, па еве денес имаме 50.000 дивоградби кои чекаат или да се срушат или да се легализираат;

Седмо, постои сериозна дискриминација на оние кои граделе во согласност со закон и платиле комуналии во согласност со закон, во однос на оние кои граделе спротивно на закон и не платиле комуналии согласно закон;

Осмо, тие што легално граделе си плаќаат и данок на имот, а тие што нелегално граделе не плаќаат ниту данок на имот, и

Деветто, легализацијата води кон потреба од некоја нова легализација во иднина и потоа повторно нова и повторно нова и така до недоглед.

Ако сето ова го сублимираме би изгледало вака:

50.000 граѓани направиле 50.000 дивоградби во државата. Државата ги знае сите кои бесправно граделе без исклучок, но гони селективно само некои од нив без да има критериум и објаснување зошто се гонат стотина или двесте, а не се гонат останатите 49.800, по кои критериуми се одбрани оние кои ќе се гонат, кои ќе бидат осудени, затворени и ќе им биде одземена бесправно изградената недвижност, на кои ќе им бидат срушени бесправно изградените објекти, а кои ниту ќе бидат гонети, ниту ќе им бидат срушени бесправно изградените објекти, туку ќе им се легализира криминалот (бесправното градење е кривично дело исто како што е кривично дело и кражбата на пример) и тоа под услови далеку подобри и поповолни од тие што никогаш не ни помислиле да изградат дивоградба.

Плаќа тој што го почитува законот

Ако ризикуваш и бесправно изградиш објект, државата ќе ти го легализира по цена која некаде е дури и за повеќе од 100 пати пониска од онаа што ја платил оној кој го почитувал законот, па излегува дека тој што го почитува законот плаќа 100 пати повеќе од тој што не го почитува. Како да нема логика во целава работа?! Некој се утепал од трчање по институции, платил проекти, добил дозвола и платил 10.000 евра за комуналии за да си ја изгради куќата во која живее, а комшијата до него си свиркал, не се мафтал по институции, си градел на диво и сега ќе му ја легализираме куќата за 100 евра. Кој е будала во случајов? Нормално, тој што си платил комуналии и изгубил време и нерви по нашиве институции. Дали е сето ова правично и праведно? Дали е праведно некој да плати 10.000 евра комуналии, а друг 100 евра за иста куќа? Некого да го гонат за бесправно градење, да го затворат и да му земат сé, некому да му срушат сé, а некому ништо од тоа, туку уште и да го наградиме во однос на оние кои го почитувале законот? Не е ниту правично, ниту праведно. Во ред, разбирам дека некој е во немаштија и тоа го направил од мака за да има покрив на главата, ама по таа логика треба да им простиме и на сите што ќе влезат во продавница, ќе украдат храна, облека и сѐ што им е потребно за живот. Исто е, зошто и едното и другото е кривично дело. Еве, запрашајте се зошто би му простиле на тој што бесправно градел, за што е предвидена казна од 3 до 8 години затвор, а нема да му простиме на тој што од друг ќе одземе туѓ подвижен предмет со намера противправно да го присвои, за што е предвидена парична казна или казна затвор до три години?

Како и секогаш, кога отворам некој проблем, ќе понудам и решение.

Прво, или ќе ги гониме и затвориме сите 50.000 граѓани (што е ненормално) кои го сториле ова кривично дело бесправно градење, а кои државата и институциите поименично ги знаат или нема да гониме никого. Сѐ друго е селективно гонење, што во основа е најтежок облик на дискриминација и авторитаризам. Да гониш и затвориш 50.000 граѓани за едно исто кривично дело во држава со помалку од 2 милиони жители е апсурд и лудило кое никако не можам да го прифатам, подеднакво како и лудилото да одбереш неколку од овие 50.000 кои ќе ги гониш и затвориш.

Второ, да срушиш 50.000 објекти во државата и да оставиш 50.000 граѓани без покрив над глава е исто така лудило и глупост од колосални размери, исто како што е ненормално како држава да дозволиш пред нос да ти изградат 50.000 дивоградби и сите да си молчат за тоа.

Трето, тој што направил кривично дело, или криминал како што милуваат да кажат, да го привилегираш во однос на оној кој го почитувал законот е подривање на правниот систем, подривање на довербата на граѓаните во системот и институциите и води кон поттикнување на незаконие.

Четврто, ова е морален хазард и мораме да бидеме сигурни дека ова нема циклично да ни се повторува.

Нема привилегирани

Затоа предлагам, во законот да се предвиди дека секој кој бесправно изградил објект што не е во подрачје во кое е апсолутно забрането градењето (национални паркови, природни резервати, заштитени еколошки подрачја, извори на вода и.т.н.) да може да го легализира така бесправно изградениот објект, но притоа да плати комуналии во полн износ кој важи на денот на легализацијата. Тие што бесправно изградиле хациенди од над 300м2 станбен простор да платат трикратно зголемен износ на комуналии, затоа што тоа се богаташи кои ја мамат државата.

За бесправно изграден деловен простор без оглед на големината да се плаќа комуналии во износ кој важи на денот на легализацијата. Тие што нема да си платат комуналии во рок од 6 месеци од денот на носењето на законот, ќе имаат третман на бесправно изградени градби кои треба да се рушат или правно да се оптоварат со дополнителни давачки. За да не направиме една социјална неправда, на социјално загрозените случаи кои бесправно изградиле до 60м2 станбен простор да им се овозможи намалување на комуналиите за 50% и нивно бескаматно одложено плаќање на 60 или 120 месечни рати, но оваа можност да им се даде и на сите оние социјални случаи кои во иднина сакаат легално да градат. Тие што не се социјални случаи, треба да си платат како и сите останати. Некој ќе праша, а од каде да најдат пари? Од банка, ќе си земат кредит исто како што секој кој купува стан си зема кредит и си плаќа цел живот. Друг ќе каже, па нема да ги легализираат и пак ќе ни остане проблемот со дивоградби. Тогаш треба да се воведе данок на дивоградби кој ќе ја направи дивоградбата далеку понеисплатлива од градењето со дозвола и со платени комуналии.

Ако сакаме да бидеме држава, вака се постапува. Држава нема да бидеме ако го казнуваме тој што го почитува законот, а го привилегираме и наградуваме тој што го крши законот. Вака, никој нема да биде ниту привилегиран, ниту дискриминиран, а воедно ќе влијаеме оваа појава на градење на диво во државата да се намали, односно да не се исплати.

Никола Тодоров

извор: ДВ

Back to top button
Close