Макрон разговара со Радев на тема С Македонија и ЕУ?

Премиерот Зоран Заев, кој ја предводи македонската делегација на Самитот на НАТО во Брисел, потврди дека ќе се сретне и со бугарскиот претседател Румен Радев, а на новинарско прашање за оваа средба тој рече дека од разговорите може да се очекува само исчекор кон подобра иднина

Дали решението со кое ќе се отстрани единствената пречка за почетокот на преговорите на С Македонија со ЕУ – бугарското вето, е темата на која денеска разговараа францускиот и бугарскиот претседател, Емануел Макрон и Румен Радев, за време на Самитот на НАТО во Брисел?

Додека се движеа кон местото за заедничко фотографирање на лидерите на земјите членки, францускиот претседател му се приближи на бугарскиот при што кусо разговараа.

Дека ќе има средба со Радев, потврди и премиерот Зоран Заев, кој присуствува на Самитот Брисел. На новинарско прашање за оваа средба, пред Самитот, тој рече дека од разговорите може да се очекува само исчекор кон подобра иднина.

„Сите средби донеле бенефит за нашата земја. Од разговорите можеме да очекуваме само исчекори кон подобра иднина за целиот македонски народ, за сите наши граѓани, за нашата земја. Јас очекувам дека низ разговори можеме да најдеме решение затоа што навистина е предолго. 20 години со Договор за асоцијација и стабилизација, 16,5 години земја кандидат. Верувам дека првиот сосед, Република Бугарија, конечно ќе даде поддршка да го направиме следниот чекор, а тоа е одржување на првата меѓувладина конференција“,рече Заев.

Минатата недела, за време на работната посета на македонската делегација во Париз, по повод 28 години од воспоставувањето дипломатски односи, Макрон на Заев му порача дека нашата земја заслужува да ги почне преговорите без одложување.

„Денес ве примам како сојузник во Париз, неколку дена пред Самитот на НАТО. Со полна поддршка на Франција, вашата земја станата членка на Алијансата, откако стави крај на разликите со Грција. Договорот од Преспа, кој вие го изработивте, драг Зоран, заедно со Алексис Ципрас, заслужува да се нарече историски. Вие покажавте голема политичка храброст за да успеете и да го убедите вашиот народ. Сакам да потсетам овде дека ништо не беше напишано однапред, вие го изградивте и го носевте со Алексис Ципрас и го зацврстивте“, нагласи Макрон на прес-конференцијата пред Елисејската палата.

Back to top button
Close