Мангупи и шизици

Четири години се бореа против нелегалните урбанистички планови што ВМРО-ДПМНЕ ги носеше во четири саат сабајле и – се предадоа. СДСМ пак си пукаше во нога на три месеци пред локалните избори.
Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ го потпиша одобрението за градба на една од трите дваесеткатници кај „Холидеј ин“. Сега нека го повикаат инвеститорот МПЦ да им ја обезбеди победата во октомври. И нека ги гласаат идните станари на кулите.
Со какви ветувања ќе одат во предизборната кампања? Што ќе понудат? Станбени згради? Затнат центар на градот? Успешно го изедовме Водно, го потрошивме просторот во Дебар Маало и Кисела Вода, кај и да е и на Карпош ќе му го земеме воздухот, па ќе се свртиме и на Расадникот. Ќе имаме метропола на незадоволни жители и задоволни инвеститори. Во случајот со „Холидеј ин“, ВМРО-ДПМНЕ им ги смени плановите, а СДСМ им ги доукрупни парцелите. Така што, нема спас. Денес е „Холидеј ин“, ама утре ќе биде Расадник. Не е проблем локацијата. Проблем е принципот. Ако денеска власта дозволува да се гради според план што не е усогласен со Генералниот урбанистички план, утре ќе си носи закони што не се усогласени со Уставот. Зошто? Затоа што така посакал инвеститорот. Најбезобразно е што власта тоа го продава како развој. Да, де. Тоа е развој. Ама на бизнис плановите на инвеститорите, а не развој на градот и на квалитетот на живот. Па уште и ќе те прават идиот – ќе ти викаат – ама, вие сте завидливи, многу ќе бидат убави зградите. Е, уште да не бидат убави! И крајно навредливо е за развој да ти продаваат неконтролирано градење оти тоа на инвеститорите им носи профит, на Општините пари за комуналии со кои ќе ја плаќаат партиската војска во администрацијата, а нам што сме решиле да живееме тука ни носи прегреан и загаден град, без зеленило и светлина, без пристап за пожарни возила и брза помош, пренатрупан со коли.
Инвеститорот не го гласаме на избори. Од него не ни очекуваме да го штити јавниот интерес. Баш му е гајле дали ќе има доволно школи, градинки, амбуланти, паркинг места, брзо проодни улици, паркови… Ама, навистина, баш му е гајле. Ќе си ги продаде становите, ќе си ги земе парите и ќе си замине на нова локација. Децата и внуците ќе си ги прати во странство со тие пари, за да не се мачат тука во нехумани услови за живеење. А проблемите ќе останат и ќе се трупаат од еден до друг циклус избори. Оти, власта не ги штити ни тие што ќе ги купат новите станови, а не пак и тие што веќе живеат таму. Инвеститорот си ја брка својата работа. Проблем е што власта не си ја брка нашата работа.
Целата колумна наа Горан Михајловски на сдк мк






