ЛДП и ДОМ засилени со др Пановски проф. Петрушевски на локални контра СДСМ и ВМРО ДПМНЕ

„Излези од маглата. Приклучи се. Направи промена“ – со ваква порака коалициските партнери од власта ЛДП и ДОМ вечерва го промовираа своето здружување.
Се претставија како граѓанско движење на центарот кое заеднички ќе настапи на претстојните локални избори за, како што велат, да дадат алтернатива на македонската политичка сцена. Покрај претседателите на двете партии, Маја Морачанин и Горан Милевски, на промоцијата на ова движење се обратија и познатиот микробиолог, Никола Пановски, универзитетскиот професор, Владимир Петрушевски, и активистката за животна средина, Теодора Крстевска. ЛДП ДОм
Пановски рече дека решил да биде дел од ова друштво затоа што во него се чувствува слободен, никој ниту вршел притисок ниту му кажал што да зборува.
„Знам дека многу од вас ќе речат, еве сега овој ќе си ја продаде популарноста за партиски интереси. Не. Ако сакав да профитирам ќе прифатев или ќе се понудев на една од двете големи партии и ќе гребев со сила да одиме заедно со СДСМ на избори и јас да бидам еден од кандидатите за градоначалник. Ни на крај од паметот не ми беше тоа да го направам.
Македонија е поделена земја по сите основи. СДСМ и ДПМНЕ се мразат од дното на душата, нема дијалог, нема аргументи, се гази вистината, се води света војна против крвниот непријател чија цел божем е единствено да си ја продаде земјата, па овие другите биле тие што, да не постоеле таа ќе беше отидена. И тоа се продава веќе 30 години. Интелектуалците и таканаречените експерти во двете партии не може да се препознаат, стручната мисла е преклопена од политиката. На пример, за рестриктивните мерки експертите во Комисијата и Владата се во 99,9 проценти истомисленици, што е нонсенс. Интересите никогаш не може да им бидат исти, едните се здравствени, други се економски, а овде се поклопуваат потполно“, зборуваше Пановски.
Тој нагласи дека не е стручен да зборува за локални политики, но дека живее еколошки, а најголем дел од својот говор го посвети на здравството. Дисциплинирањето на лекарите и раководењето на здравствените установи под политички диктат, според Пановски довел до страшен молк на интелектуалците и до невиден егзодус на квалитетни кадри од јавното здравство.
„Затоа ќе се приклучам и ќе ја искористиме мојата популарност, под ризик и да ја потрошиме истата, со цел да му дадеме на народот можност да избира, да гласа ’за‘, а не да гласа ’против‘. Да види дека постојат и политики и партии и движења кои промовираат чиста и слободна мисла, кои почитуваат стручност, храброст и одговорност. Лица со чист образ и интегритет, на кои стручноста и чесноста им е белег кој го носат со себе, оние кои ќе го чуваат градот од разни натрапници, профитери, послушници, марионети и вечни аминџии. Без ослободување на стручната мисла нема успех во ниту една сфера“, порача Пановски.
Владимир Петрушевски, кој беше претставен како поранешен проректор на УКИМ во неколку наврати и бивш советник во Општина Центар кој гласал против сите штетни урбанистички планови, пак, во обраќањето порача дека сега е моментот кога политичкиот центар има шанса. vladimir-petrushevski Владимир Петрушевски „Не треба веќе да им се дава доверба на луѓе што повеќекратно не измамиле. Ние сме оделе на избори и сами и во друштво со постари партнери, кога сме оделе сами не сме поминале сами, кога сме оделе со постари партнери, пак, не сме поминале славно затоа што постариот партнер се наметнувал како постар и посилен. Сега веќе имаме некоја шанса затоа што се обединуваме во некакво гласачко тело на политичкиот центар, на граѓанството во Македонија“, рече Петрушевски.






