Харадинај: Рама проблемот со марихуаната да го реши како Македонија
За поранешниот премиер на Косово, Рамуш Харадинај, канабисот е еден од поголемите проблеми во Албанија и решението, според него, е легализацијата. Во интервју за „АБЦ“ тој побара од премиерот на Албанија, Еди Рама, да собере храброст и да донесе закон, како што донесе Македонија, за да ја легализира марихуаната.

„Немам порака за него (Рама), туку желба Албанија да ја видам како правна држава, економски посилна, со меѓусебно почитување на партиите. Мислам дека е многу важно да се легализираат наркотиците во Албанија, особено оние што се садат, како марихуаната. Потребна е храброст, легализирајте ја. Донесете закон за нејзино одгледување. Македонија го направи тоа. Други народи го направија тоа – нагласува Харадинај во интервјуто за „АБЦ“.
Тој вели дека со тоа Албанија ќе ја смени перцепцијата дека е земја на дрогата и ќе обезбеди покритие пред сите други.






