Од 22 октомври, европратеници ги набљудуваат изборите во Србија како дел од меѓународна мисија

Делегација од седум члена на Европскиот парламент (ЕП) ќе престојува во Србија од 22 до 26 октомври како дел од меѓународната набљудувачка мисија за парламентарните избори, јави Бета. Делегацијата ќе процени дали изборите на 25 октомври се спроведени во согласност со националните закони на Србија и меѓународните стандарди и ќе биде дел од Мисијата за набљудување на изборите на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР).
Набљудувачката мисија ќе се сретне со претставници на различни политички партии, владини претставници, медиуми, изборни тела и граѓанско општество.
Денот по изборите, ОДИХР, заедно со шефовите на делегациите на Европскиот парламент, Парламентарното собрание на ОБСЕ и Парламентарното собрание на Советот на Европа, ќе објават заедничка изјава за прелиминарните наоди и заклучоци на прес-конференција.
Делегацијата на ЕП се состои од седум пратеници од пет земји и шест различни политички групи. Шеф на делегацијата е австрискиот пратеник Андреас Шидер од групата на социјалдемократите.






