Дали ни треба задолжителна вакцинација и зошто ДА

Ширум светот, КОВИД мерките за превенција се заоструваат, а најдиректно се засегнати оние кои сè уште одбиваат да се вакцинираат. Спрема динамиката и строгоста на мерките, огромни се шансите да се премине во фазата на задолжителна вакцинација и драго ми е што веќе има дискусија за  задолжителната вакцинација. Иако комплексен феномен, таа не е едноставна за изведба. За да биде успешно спроведена, мора да се балансира помеѓу заштитата на јавното здравје од една страна и човековите права од друга, за да овозможи законитост на целиот процес без да ги наруши основните права. Тука ќе видиме што значи право на поединецот, а што право на заедницата или јавноста.

Неспорно е дека вакцините ни обезбедуваат ефикасна заштита од КОВИД и други заразни болести и добро е што засега се бесплатни и достапни за сите. Оставено е на нас самите да одлучиме доброволно дали, или не ќе пристапиме кон вакцинирање.  Правата и слободите кои ни се гарантираат со Конвенцијата за човековите права на Советот на Европа,упатуваат дека ние имаме право на сопствен избор да го избереме она што е најдобро за нас. Тука преку примерите на Европскиот суд за човекови права ќе видиме дека со КОВИД мерките и задолжителната вакцинација не се нарушуваат нашите човекови права, туку баш се уважуваат и штитат. Најчесто разорната анти-вакерската пропаганда тврди дека се загрозуваат: правото на живот, телесен итнегритет, правото на приватност и други. Ајде да видиме зошто тоа не е така.

Како основно право, важно да се потенцира дека нашето право на слобода на избор не е апсолутно, туку квалифицирано, односно во конкретни околности  може, ако постои легитимна цел, нашата слобода да ни се ограничи од причини кои се поврзани за заштита на пошироките јавни интереси како безбедноста, здравјето, моралот и др. Но за да го направи тоа, Судот ја обврзува државата и јавните власти да исполнат многу строг тест составен од три критериуми. Прво, секое ограничување мора да биде врз основа на закон, односно мора да постои закон кој и дозволува на државата да ја преземе оваа акција за отклонување на општата опасност. Второ тоа ограничување мора да биде за легитимна цел ( заштитата на јавната безбедност, морал и здравје). Трето ограничувањето мора да биде пропорционално, односно мора да се употреби најмалку рестриктивната достапна опција, за исполнување на целта, без оглед на тоа кон кого е насочена задолжителната вакцинација. Практиката на Европскиот суд за човекови права дава јасна слика како овие политики функционираат според стандардите за човекови права.

Низ Европа веќе се отпочнати консултациите за воведување на задолжително вакцинирање и дискусијата е насочена на избегнување на можните импликации по човековите права. Како конечен толкувач на одредбите од Европската конвенција за човекови права, чија јурисдикција ги опфаќа сите 47 земји-членки на Советот на Европа – вклучително и Северна Македонија, Европскиот суд за човекови права ќе биде краен толкувач дали задолжителната вакцинација била законита или не. Затоа праксата на Судот е многу важна за формирање на идни законски решенија. Практиката на Судот, овде ќе биде набљудувана преку решенијата за примена на привремени суспензивни мерки и ограничувањето на правото на приватност.

Веќе знаеме дека Франција и Грција имаат законски решенија со кои се пропишува задолжителна вакцинација на медицински, полицијски и друг персонал. Од тој аспект предметите Абграл и други прпотив Франција, Какалетри и други против Грција и Теофанопулоу против Грција, иако се сеуште во фаза на одлучување, се значајни поради што Судот одлучи дека нема да определи привремени мерки за суспендирање на програмата за задолжителна вакцинација. Судот има надлежност да определи привремени суспензивни мерки кога апликантите можат да докажат дека оспореното законско решение им создава неповратна штета, се додека случајот се одлучува пред Судот. Доколку привремените суспензивни мерки се одобрат, Судот им наредува на јавните власти да ја суспензираат примената на определеното законско решение, се додека Судот не одлучи по случајот. Меѓутоа тука Судот не ги наведе причините за својата одлука да не ги прекине задолжителните вакцини во Грција, што укажува дека судот ценел дека задолжителната вакцинација нема да доведе до неповратна штета, или не постојат никакви последици од одбивањето на вакцинација.

Сепак, случаите се во почетна фаза на одлучување пред судот и се уште не знаеме дали Судот ќе утврди повреда на човековите права или не. Меѓутоа важноста на досегашна одлука, ни дава јасна насока кон креирање на правниот преседан.

Понатаму, во случајот Vavřička и други против Чешка се работи за старо законско решение од пред Ковид пандемијата, кое налага дека сите деца од предшколска возраст мора да подлежат на задолжителна вакцинација. Исто така законот предвидува и глоби за родителите доколку не ги почитуваат одредбите. Апликантите навеле дека законот е во конфликт со Членот 8 – „Право на почитување на приватен и семеен живот“. Тука судот утврди дека навистина има конфликт помеѓу Членот 8 од Конвенцијата и законот, но оцени дека здравствените политики на чешката влада се оправдани, пропорционални и легитимни. Тоа значи дека сите дејствија од задолжителната вакцинација се во согласност со заштитата на јавното здравје и таа спаѓа во опсегот на исклучоците утврдени во член 8 односно заштита најавната безбедност и заштита на здравјето и моралот и образложи дека задолжителната вакцинација може да се смета за „неопходна во едно демократско општество“.

Овој случај укажува дека правото на приватност не е апсолутно и дека подлежи на определени исклучоци. Иако Судот се согласи со апликантите дека политиката предвидена со овој закон се нарушува нивното право на приватен живот, сепак сметаше дека ова нарушување е оправдано и политиката на задолжителна вакцинација е неопходна за да се заштити здравјето на населението, а пред се здравјето на децата. Од тука гледаме дека сите ограничувања се законски, легитимни и пропорционални.

Овие случаи се добра појдовна точка за тековната дебата за етичноста на задолжителната вакцинација на населението. Дали таа ги крши човековите права и кои права? Многу критичари на таквите политики веруваат дека присилниот пристап со цел да се заштити правото на живот може да има цена за други права заштитени со Конвенцијата.

Меѓутоа како и при секоја интрузија во граѓанските права и слободи, властите мора да направат баланс помеѓу јавниот интерес, односно заштитата на јавното здравје и заштитените човекови права. Тој баланс е клучен во проценката дали задолжителната вакцинација ќе биде законита или ќе нарушува определени човекови права.  Да, задолжителната вакцинација е интрузија на човековото право на телесен интегритет, кое е дел од правото на приватен живот загарантирано во Европската конвенција за човекови права. Но сепак не секоја интрузија на ова право е автоматски нелегална. Треба да се внимава на категориите на граѓани кои ќе бидат изземени со задолжителната вакцинација, односно граѓаните кои имаат валдини здравствени проблеми и дали има предвидени исклучоци за нивна вакцинација. Понатаму важна е строгоста и пропорционалноста на пропишаните казни и глоби за непочитување на задолжителната вакцинација. Заштитата на здравјето и минимизирањето на ризикот од зараза на пациентите во слуачј ако нивниот лекар не сака да се вакцинира се исто прашања кои треба да се земат предвид при донесување на одлука за задолжителна вакцинација.

Иако изгледа комплицирано, сепак е изводливо. Видовме дека задолжителната вакцинација и КОВИД мерките се во линија на почитување на човековите права и сите теории на нивна интрузија „паѓаат во вода“. Политиките за заштита на јавното здравје мора да се кројат по јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права. Реално видовме и се наслушавме се и сешто по анти-ваксерските протести. Анти-ваксерска пропаганда дека ќе станеме зачин во други манџи реално не држи вода. Сепак политиката која се пропелира преку анти-ваксерската пропаганда не е за потценување, бидејќи на кратки патеки има успех – за жал.

Без разлика како ќе се одвива процесот на задолжителна вакцинација, баш ми е драг хрватскиот слоган за владината кампања за превенција на КОВИД – „Cijepi se, misi na druge“ бидејќи емпатијата ја става на прво место, а тоа е она што баш ни треба.

 

м-р Андреј Божиновски     

Асистент – докторанд на правниот факултет во Загреб

Back to top button
Close