Битолско џамче

Македонија од групата земји со „хибриден режим“ годинава напредуваше во „демократија со недостатоци“ на Индексот на демократрија на истражувачката група на „Економист“. Според петте критериуми по кои се врши рангирањето, во четири области има оценка над просечната 6.03, а само во областа „политичка култура“ оценката е многу ниска – 3.13. За каква политичка култура да зборуваме кога, на пример, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во само една објава на Фејсбук и тоа само во една реченица може да навреди тројца луѓе? Како кога по потпишувањето на договорот за минимална плата, а неприфаќањето на СДСМ во Собранието да се носи декларација за Гоце Делчев напиша „овој срам, како што бива според матрицата на вистинскиот стопан на Ковачевски, а тоа е Зоран Заев, на спектакуларен начин се постигна договор со лакејот од синдикатот за минимална плата“. Едно е да не се согласуваш со некого, а друго е да бидеш некултурен. Имаат тие во партијата и други кои знаат да кажат дека не се согласуваат, ама не се прости. Ене им го Тимчо Муцунски, Гордана Силјановска, Сашо Клековски…ВМРОвци, ама културно зборуваат. А не – ти си идиот, криминалец, мафијаш, наркоман, пион, лакеј, глупав и – треба на плоштад да те бесиме. Од лидерот треба да тргне првиот чекор. Не зборуваме за анонимни партиски ботови. Не зборуваме за навреди на социјалните мрежи. Зборуваме за лидер на најголема опозициска партија. Ама Мицкоски го направи некултурниот говор – норма. И тоа се пренесува по партиски соопштенија, прес-конференции, изјави на портпароли. Не знам како живеат со толкава омраза и гнев. А Димитар Апасиев од Левица само го надгради тоа што Мицкоски го направи нормално. Тоа, да не е срамота ако си некултурен. Затоа што тој простачки говор пали. А што е најтрагично, и двајцата се универзитетски професори. Не се ни СДСМ нешто многу покултурни по тоа како им личат партиските соопштенија, иако во јавните настапи нивните функциионери сепак држат ниво. Само да не тргнат по простачкиот популизам на Мицкоски и на Апасиев, како што тргнаа по простачкиот пи-ар на Груевски за фалење на успесите на Владата. Како кога власта сега зголемувањето на минималната плата ја промовира со повратник од Германија кој вика дека 18.000 се сосем доволно за добар живот.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК .мк

Back to top button
Close