Касами контра Арифи: Ни остави долгови, камати и 340 телефонски договори, а 20 скапи телефони никаде ги нема!
Градоначалникот Билал Касами тврди дека поради неплатени долгови кон разни фирми, извршителите имаат наплатено од Општината вкупно 600 илјади евра, додека за извршување доспеваат уште приближно 7 милиони евра.
Претходната локална власт во Општина Тетово склучила 340 двегодишни договори со операторот А1 за користење телефонски услуги, додека 20 телефони од марките „ајфон“ и „самсунг“ по цена од околу 1.000 евра се поделени на семејствата и на блиски луѓе на поранешната гарнитура на Општината – обвини актуелниот градоначалникот на Тетово, Билал Касами. Тој вели дека за ова веќе е поднесена кривична пријава, а Општината не може да ги раскине овие договори, зашто тие траат две години и мора да ги плати сметките.
Тој уште тврди дека поради неплатени долгови кон разни фирми, извршителите имаат наплатено од Општината вкупно 600 илјади евра, додека за извршување доспеваат повеќе од 7 милиони евра. Општина Тетово им должи на околу 435 фирми, а само каматата на долговите може да достигне три милиони евра, тврди Касами.
Тој обвини дека за време на претходната градоначалничка Теута Арифи, одредени партиски функционери биле ослободени од плаќање паркинг во градот и дека фирмата што стопанисува со паркинзите имала список со регистарски таблички на возила што се ослободени од плаќање.
Претходно Касами обвини дека поранешното раководство на Општина Тетово склучило 811 договори за дело со универзитетски професори, сопственици на портали, поранешни милитанти, па дури и со социјални случаи. Има случаи кога со едно лице се потпишани повеќе договори. Касами рече дека сите што немаат извештаи за сработеното, ќе мора да ги вратат партите.
– Доколку не ги вратат, ќе бараме правна помош. За оваа штета што ѝ е нанесена на Општина Тетово, веќе ангажиравме адвокат што подготвува кривични тужби против претходното раководство – рече Касами.
Поранешната градоначалничка Арифи во своето гостување на „Утрински брифинг“ изјави дека актуелниот градоначалник повеќе се занимава со нејзиното работење отколку со реалните проблеми на градот.
– Актуелниот градоначалник продолжи да води предизборна кампања иако е веќе градоначалник. Жал ми е што поради фактот што не може и не знае да се носи со проблемите на градот, кои реално се големи, тој се занимава со мене. Што се однесува до обвинувањето дека имало 800 луѓе вработени со договори на дело, секако дека нема такви. Направени се исплати на луѓе во различни комисии, но не станува збор за вработувања, туку за завршени ангажмани за Општината. Не е коректно да се влечат попусто имињата на луѓето во јавноста – рече Арифи.
И ВМРО-ДПМНЕ побара одговорност од поранешната градоначалничка на Тетово за оштетување на буџетот, кое според оваа партија изнесува околу 7 милиони евра. Арифи, како што велат од ова партија, е исто толку одговорна колку што се одговорни и лицата што добивале пари, а не работеле ништо.