Завршни зборови на одбраната во „Топлик“: Објавата за јавно наддавање е од Министерството за транспорт, а не од Комисијата
Од изведените материјални и вербални докази предложени од јавниот обвинител во текот на главната расправа со сигурност не се утврди дека обвинетиот Томе Ѓурчиловски и другите обвинети го сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, изјави денеска бранителот на обвинетиот Ѓурчиловски, адвокат Часлав Станоевиќ, во своите завршни зборови во случајот „Топлик“.
Адвокатот Станоевиќ истакна дека од исказите на сведоците може да се заклучи дека Комисијата за јавни наддавања не изготвила и не доставила објава за јавно наддавање, туку тоа го има направено Министерството за транспорт и врски.
Адвокатот на обвинетиот Димитар Димовски, Панче Тошковски, во своите завршни зборови посочи дека во овој кривично-правен предмет нема штета на државниот буџет.
„Затезна камата и штета се различни поими. Ако се водиме од ова гледиште секој функционер треба да одговара. Никоја институција во овој случај нема побарано отштетно побарување – рече адвокат Тошковски.
Обвинителот Бурим Рустеми на минатото рочиште побара од Судот обвинетите да ги прогласи за виновни за злоупотреба на службена положба и овластувања и да им изрече ефективни казни, со оглед на степенот на кривична одговорност и последиците од делото, како и фактот дека воопшто не изразиле каење во текот на постапката.
Факт е, нагласи во својот завршен збор обвинителот Рустеми, дека проектот за изградба на комплексот „Сончев Град“ од 100 милиони евра директно го координира обвинетиот Миле Јанакиески, како и постапката за спогодба и отуѓување на земјиштето.
„Фактот дека Миле бил решен да се реализира јавното наддавање се гледа од притисокот врз работата на членовите на првата Комисија, кои поради немање нумерички податоци за парцелите одбиле да го објават јавното наддавање, по што тој ја разрешил и формирал нова Комисија во која членуваат сега обвинетите. Тие иако знаеле дека претходната Комисија одлучила дека нема услови за прогласување на јавно наддавање, за да ја исполнат желбата на првообвинетиот веќе утрешниот ден на 04.04.2007 година го објавиле јавното наддавање со истите недостатоци и без нумерички податоци за парцелите со што нивната продажба била неспроведлива и со тоа го прекршиле законот – рече Рустеми.
Обвинителот Рустеми посочи дека од вештачењата се гледа дека од вкупно 616 парцели од јавното наддавање само за 24 имало нумерички податоци, со што израелската фирма, која го добила јавното наддавање четири години не можела да почне со градба, по што ги активирала гаранциите од еден милион евра.
Случајот го води судијата Осман Шабани.
Во случајот „Топлик“ првообвинет е ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој заедно со уште пет лица од Министерството Томе Ѓурчиловски, Димитар Димовски, Марица Тасева, Димитар Гаќев и Веса Томчевска, кои биле членови на Комисија за јавни наддавања, се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Предметот, кој беше отворен од поранешното Специјално јавно обвинителство, се однесува на продажба на градежно земјиште за изградба на населбата Сончев Град во Сопиште.