Меѓународни набљудувачи: Изборите во Србија поминаа со медиумско фаворизирање на власта, а забележани се и неколку инциденти

Шефот на делегацијата на ЕП, Тијс Ројтен рече дека „доминантната улога на владејачкото мнозинство во изборниот процес е причина за сериозна загриженост“ и додаде дека „злоупотребата на административни ресурси и дала значителна предност на власта“

Изборниот процес во Србија го одбележаа нееднакви услови за учесниците на изборите, кои се последица на фаворизирање на владините претставници од страна на мнозинството медиуми, притисок врз вработените во јавните претпријатија и злоупотреба на административните ресурси, изјавија денеска во Белград набљудувачи од меѓународните организации, јави дописникот на МИА од Белград.

Претставниците на делегациите на ОБСЕ, Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), Парламентарното собрание на ОБСЕ, Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) и Европскиот парламент (ЕП) на прес-конференција рекоа дека основните слободи беа во голема мера почитувани и на гласачите им беа презентирани различни политички опции, но голем број недостатоци доведоа до нееднакви услови за учесниците.

На прес-конференцијата, на која беа презентирани прелиминарните заклучоци по претседателските и предвремените парламентарни избори во Србија, специјалниот координатор и предводник на набљудувачите на ОБСЕ Киријакос Хаџијани ги посочи аспектите кои влијаеле власта да биде во привилегирана положба.

„Медиумите ги покриваа сите учесници на изборите, но повеќето јавни и приватни радиодифузери со национално покривање ги фаворизираа Александар Вучиќ и владејачката коалиција, со што ја ограничија можноста на гласачите да одлучуваат врз основа на целосни информации“,рече Хаџијани.

Според него, „денот на изборите бил генерално мирен, со неколку инциденти“.

Back to top button
Close