Ѓилас: Приговори на 258 избирачки места, подготвен сум да разговарам со Вучиќ за повторување на изборите

Претседателот на Партијата за слобода и правда (ССП), Драган Ѓилас изјави дека „Обединети за победа на Белград“ ќе поднесе приговори на 258 избирачки места и дека е подготвен да разговара за повторени избори за Собранието на град Белград со претседател на Србија и на Српската напредна партија (СНС) Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

– Подготвен сум да разговарам со Александар Вучиќ, нормално е тензиите да се намалат. Тој е претседател на сите граѓани, а при вршењето на оваа функција треба да се грижи и за такви работи. Нашата изборна листа би барала повторените избори на овие 258 избирачки места да се одржат по шест месеци, а за тоа би разговарал со Вучиќ, изјави Ѓилас за ТВ Нова С.

Тој рече дека изборната листа Обединети за победа на Белград ќе поднесе приговори на 258 избирачки места во главниот град.

– Веруваме дека на тие места ќе се покаже волјата на граѓаните, по што би се формирала техничка влада која за краток период би формирала нови слободни избори. Подготвени сме за борба, а Градската изборна комисија (ГИК) ќе даде одговори во следните денови. Повторувам, навистина сме подготвени да се бориме, а можеби повторно ќе дојдеме во ситуација да ја браниме волјата на народот на улица, како што беше во 1996 година, порача Ѓилас.

Тој нагласи дека е „јасно“ оти белграѓани гласале за промени во главниот град.

– Ќе бидеме силна опозиција на СНС и СПС во Парламентот и секоја соработка со нив е апсолутно невозможна. Ние сме најсилната опозиција на овој режим, можам да им ветам на граѓаните дека ќе бидеме силна опозиција, а верувам дека власта ќе биде формирана од СНС и СПС, нагласи Ѓилас.

Back to top button
Close