Од технички причини, Уставен денеска не расправаше за недела неработен ден

Стопанската комора, која го оспорува ова законско решение, смета дека тоа не е во полза ниту на економските субјекти ниту на работниците и директно задира во темелните вредности на уставниот поредок на државата

Иницијативата на Стопанската комора, поднесена до Уставниот суд за законската одредба со која недела е неработен ден, на денешната седница на судот беше повлечена од технички причини и ќе биде ставена на дневен ред во некоја од следните седници.

Судијата известител Вангелина Маркудова не даде поопширно образложение за техничкиот дел кој треба да биде обработен, јави МИА. Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, пак, апелираше до советот кој работи на овој предмет да направи исправки на рефератот во најкраток можен рок имајќи предвид дека се работи за актуелен предмет за кој јавноста е заинтересирана.

Стопанската комора преку оваа иницијатива ги оспоруваа последните измени на Законот за работните односи, во однос на недела неработен ден во државата.

Според подносителот, ваквата законска одредба е спротивна на слободата и пазарот на претприемништво, темелните вредности и еднаквоста на граѓаните. Во иницијативата се наведува дека Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи го уредува користењето на неделен одмор преку воведување забрана за работа во недела и притоа таксативно ги набројува исклучоците на одредени дејности кај кои неделниот одмор може да се користи во друг ден во неделата и се укажува дека ова законско решение не е во полза ниту на економските субјекти ниту на работниците и директно задира во темелните вредности на уставниот поредок на државата.

Back to top button
Close