Џил Бајден ќе ги посети украинските бегалци во Романија и Словачка
02.05.2022 13:40
121 Читање помалку од 1м
Првата дама на САД Џил Бајден оваа недела ќе отпатува во Романија и Словачка за да се сретне со семејствата на украинските бегалци, американските хуманитарни и воени работници и вработените во амбасадата, соопшти денеска нејзиниот кабинет.
Патувањето на сопругата на американскиот претседател е планирано помеѓу 5 и 9 мај.
Посетата ќе биде уште една демонстрација на американската поддршка за Украина и земјите кои и помагаат.
Џил Бајден ќе замине во Романија и Словачка по ненадејната посета на Украина на претседателката на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, Ненси Пелоси, која во саботата се сретна со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Романија и Словачка се двете соседни земји на Украина кои примија стотици илјади бегалци од почетокот на руската инвазија.